Oва е борба за нашиот заеднички дом, Македонија, со оваа порака СДСМ и коалицијата ја започнуваат кампањата за Локалните избори.

Од партијата оценуваат дека речиси година и пол откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде целата централна власт и четири години локална власт, граѓаните се сведоци на неспособност, корупција, расипништво ароганција. Наместо економски развој, според СДСМ, има застој, платите стагнираат а стандардот на граѓаните опаѓа.

„Наместо правда, има партизација и селективност. Наместо грижа за граѓаните, гледаме расипништво и трошење на јавните пари за лични привилегии на функционерите на власта.

СДСМ и коалицијата настапуваат со чесни и компетентни кандидати за градоначалници и советници, луѓе со интегритет, со програми кои нудат реални и остварливи решенија.

Овие избори се помеѓу лагите и расипништвото на сегашната власт и борбата за чесност, солидарност и достоинство. Избор помеѓу партизацијата и заробените институции, или враќање на власта во рацете на граѓаните“.

СДСМ, додаваат од опозициската партија, ја презема обврската и одговорноста да биде движење за слобода, правда и еднаквост.

„Нашиот дом е Македонија и ние ќе се бориме за него, за сите граѓани, за сите општини, за иднината на државата“.