Тепачки, повредени и уапсени. Вака заврши прославата на укинувањето на ковид-ограничувањата во Норвешка. Норвежаните го прославија крајот на мерките против коронавирусот со неколку викенд-забави – ноќните клубови и пабови беа полни, а атмосферата на многу места беше тензична.

Advertisements

Во градот Трондхајм неколку луѓе побарале медицинска помош откако се онесвестиле додека чекале во долгите редици.

Тепачки се регистрирани во неколку града, со повредени и уапсени, објави денеска јавната телевизија НРК.

„Имаше прекршувања, насилни инциденти и тепачки“, рече Руне Хекелштранд, припадник на полицијата во Осло.

Неколку луѓе се уапсени за поседување оружје, а некои се и тешко повредени.

Во градот Тонсберг, јужно од главниот град, во пристаништето избила масовна тепачка, а во југозападниот регион Агдер, вкупно 12 лица беа уапсени за немирите.

Норвешка во саботата ги укина речиси сите мерки против коронавирусот – нема веќе физичка дистанца, а не се применуваат ни ограничувањата за бројот на луѓе на настани и собири.

Остана само задолжителниот карантин во случај на инфекција. Ограничувањата за влез, исто така, се отстрануваат постепено.