Зелената партија ДОМ најостро ја осудува, според нив, неодговорната и срамна изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека загадениот воздух „само изгледа алармантно“. ДОМ предупредува: кога градот е прекриен од чад и два дена смрди на изгорена гума, таквите лаги не се само некомпетентни, туку претставуваат крајно нехумано однесување кон сопствените граѓани. ДОМ бара итен крај на ова, како што го нарекуваат, политичко манипулирање.

„Доколку Мицкоски навистина мисли дека „визуелниот“ чад го заменува ѕвоното на алармот, тогаш нека одржи презентација на 7-метарските гласачки ливчиња (кои патем кажано, тој бомбастично ги „најави“) наместо за мерењата на загаденост. Граѓаните не се без чувство за мирис во однос на отровните честички што ги уништуваат нивните бели дробови – тие знаат кога некој се труди да ги измами со политички предизборни трикови.

Овој колосален неуспех на Владата е за жал суштинска мисија за самоуништување: нема ниту еден официјален совет како да се заштитат ранливите групи, нема ниту една предупредувачка порака, ниту мерки за итна дистрибуција на чиста вода и заштитни маски. Дури ниту Институтот за јавно здравје не добил податоци за загаденоста, што сведочи за парализата на сите надлежни служби“.

Граѓаните, додаваат од ДОМ, веќе го покажаа својот револт, блокади, протести и барање одговорност. ДОМ ја повикува и опозициската СДСМ да престанат да бидат сопартијци во оваа нивна коалиција на неодговорни.

„Имаат пратеничка група во Собранието и преку иницијативи и јавни расправи за овој скандал можат да помогнат да го осудат овој чин на необјективност и неодговорност на Владата“.

ДОМ бара итни конкретни чекори: веднаш гаснење на пожарите на депониите „Вардариште“ и „Дрисла“, секојдневни извештаи од мерните станици, активирање на итни здравствени протоколи за заштита на ранливите категории и старт на стратешки план за модерно управување со отпадот во Скопје. Не смееме да дозволиме во никој случај политичка манипулација над здравјето на граѓаните.

Текстот Со лаги власта ја сведува катастрофата од Дрисла и Вардариште на „визуелна“ грешка, велат од ДОМ е превземен од МАКФАКС.