Огромна колона револтирани граѓани денес во Неготино излегоа на протестен марш за смртно прегазената Фросина Кулакова. Извикуваа „Правда за Фросина“, „Секој еден може да е следен“ и мирно протестираа.
Многумина носеа маички со лого „Правда за Фросина“, имаше нејзини фотографии, а во првите редови беше нејзиното семејство.
Нејзината сестра, Росица, и денес кажа дека ако убиецот на нејзината сестра бил соодветно казнет, Фросина денес ќе била жива.
„Доколку судијката му го продолжила притворот сè до правосилност на одлуката, а по вчерашната одлука на Апелација, тој само ќе беше спроведен во затвор, а мојата сестра ќе беше жива. Затоа бараме одговорност и од судијката Даниела Алексовска – Стојановска“, рече Росица, сестрата на Фросина.
Другарките на Фросина испратија порака дека мора да се казни неодговорноста на возачот без возачка дозвола за да се поттикне одговорноста кај секој возач. Тие кажаа дека маршот во Неготино е поддршка на сите семејства што изгубиле некого и кои мора да продолжат со товарот на загубата.
„Стоп за сообраќајното насилство“ беше мотото на денешниот протест во родниот град на Фросина, а дојдоа луѓе и од други градови. Во колоната револтирани граѓани од македонското судство, беа и роднини и пријатели на други загинати кои бараа повторно да се разгледаат судските случаи.
За да излезе на виделина правдата за Фросина се протестира втора недела. Таа загина во сообраќајна несреќа на булеварот Партизански одреди во Скопје, кога во неа со автомобил удри 20-годишниот Васил Јованов, кој го управувал возилото без возачка дозвола, пијан и на црвено светло.