Со апсолутно мнозинство европратениците во Стразбур го усвоија извештајот кој го поддржува пристапувањето на Бугарија кон еврозоната, јави БГНЕС, пренесува Трибуна.
Извештајот за приклучување на Бугарија кон еврото доби 531 глас „за“, 69 „против“, а 79 беа воздржани.
Одлуката на законодавниот орган на ЕУ следи по препораките од земјите-членки и европските лидери, кои едногласно се согласија Бугарија да го воведе еврото од 1 јануари 2026 година.
Пред гласањето, пратеничката Рада Лајкова од групата „Европа на суверените нации“ поднесе барање за одложување, но тоа беше одбиено. Од Европската народна партија порачаа дека Лајкова и нејзините соработници сакаат Бугарија наместо кон еврото да се приклучи кон рубљата.
Претходно, на 8 јули, претседателот на Еврогрупата, Паскал Донахју, истакна дека курсот на бугарскиот лев во однос на еврото останува непроменет.
Конечното решение треба да биде донесено денеска во Брисел на состанокот на Советот за економски и финансиски прашања на ЕУ (ЕКОФИН), каде што присуствуваат министрите за финансии на 27-те земји членки. Состанокот се очекува да заврши околу 16:00 часот по бугарско време.
На состанокот присуствува и бугарската министерка за финансии, Теменужка Петкова.
„Ништо не може да ја сопре Бугарија на нејзиниот пат кон еврозоната. Целиот процес практично завршува денес,“ изјави Петкова пред состанокот на ЕКОФИН.