Градежните активности за изградба на болниците во Штип, Тетово и во Кичево ќе почнат до крајот на оваа или најдоцна на почетокот на следната година, најави денес министерот за здравство, Азир Алиу. Административните процедури, пак, кои претходат на градежните активности, ќе почнат веднаш по потпишување на договорот.
„205 милиони евра веќе ги најавивме, тие се за Штип, Тетово и за Кичево. Тие не се буџетски средства, туку ќе бидат средства од договорот влада со влада со Британците. Јас сè уште не сум потпишал договор. Чекавме да завршат изборите и потоа да се потпише договорот и да бидат дел од таа инфраструктура. Рековме дека ќе почнеме со инвестиции во инфраструктура и првиот чекор се овие три клиники. И Штип, и Тетово, и Кичево ќе бидат почнати. Административните процедури ќе почнат веднаш, а инфраструктурно, најверојатно, кон крајот на годината или на почетокот на следната година“, рече министерот Алиу.
Болницата во Кичево ќе се гради одново затоа што постојниот објект министерот Алиу вели дека не ги исполнува базичните инфраструктурни барања за да биде институција што ќе нуди здравствени услуги не само за Кичево туку за регионот.
На 26 јуни оваа година премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу најавија стратешки договор со Обединетото Кралство за обнова и изградба на болници во Штип, Тетово и во Кичево. Проектот предвидува довршување на клиничката болница во Штип, изградба на медицински факултет и студентски дом со 200 легла, изградба на целосно нова болница во Кичево и комплетна реконструкција и опремување на постојната болница во Тетово.
Текстот Со 205 милиони евра од Британците изградбата на болниците во Штип, Тетово и во Кичево ќе почне најдоцна на почетокот на следната година е превземен од МАКФАКС.























