Безбедносните камери во вилата на Здравко Чолиќ на Дедиње го снимиле моментот кога двајца непознати мажи фрлиле рачна граната врз домот на пејачот точно во 5 часот наутро вчера, дознава српски Телеграф.
За среќа, нема жртви, а Телеграф неофицијално дознава дека полицијата веќе има видео снимки на кои се гледа како двајцата напаѓачи се приближуваат кон оградата и ја активираат експлозивната направа.
Бомбата била фрлена директно кон влезната врата од двајца маскирани мажи, а експлодирала на терасата точно на влезот. Снимките од видео надзорот се во фокусот на истрагата што ја води Вишото јавно обвинителство, бидејќи ги прикажуваат движењата на напаѓачите пред и по детонацијата.
Иако никој не е повреден во моментот на нападот, материјалната штета на имотот е голема. Гранатите зафатиле сè во радиус од неколку метри. Фасадата околу влезната врата била уништена, а од силата на ударот биле скршени прозорците и оштетена масивната порта. Гранатите оштетиле и автомобили.
Експлозивната направа ги скрши и прозорците од гаражата на Адис Гојак, поранешниот менаџер на Чолиќ, за кого истражителите наводно се сомневаат дека можеби бил вистинската цел на нападот, како и прозорците на вториот кат од куќата. Друга куќа претрпе помала штета, со скршени прозорци.
Инспекторите на криминалистичката полиција и обвинителството моментално работат на идентификување на лицата на снимката. Се проверуваат и податоците на телеоператорот, како и другите камери во областа за да се утврди дали напаѓачите имале сојузници кои ги чекале во автомобилот.
Полицијата ќе разговара со Чолиќ кога ќе се врати во Србија
Чолиќ исто така се огласи. „Јас сум во Загреб, каде што ги завршувам последните песни за новиот албум. Сè е во ред во Белград, фала му на Бога што сите се добро. Го разбирам интересот на медиумите, но морам да истакнам дека некои изјави во текстовите се протолкувани на начин што не одговара на вистинската состојба на работите.
Мислам дека е важно информациите да се дистрибуираат одговорно и врз основа на проверени факти. Истрагата е во тек и го чекаме полицискиот извештај“, изјави тој за „Уна“. За време на истрагата ќе се утврди дали Чолиќ бил целта и кој бил мотивот, со оглед на тоа што вчера веќе се појавија информации дека бомбашите можеби „направиле грешка“. Полицијата ќе разговара со Чолиќ кога тој ќе се врати во Србија.
Текстот Снимени лицата што фрлија бомба врз куќата на Здравко Чолиќ: камерите го забележаа моментот на нападот е превземен од МАКФАКС.























