Владимир Перев
1.“Смачканото племе“
Поминаа месеци од трагедијата во Кочани, а македонската држава сеуште нема елементарни решенија за натамошното лекување и воопшто за судбината на повредените во иднина. Секоја сабота роднините и блиските на мртвите 62-те наши деца протестираат барајќи правда низ улиците и пред институциите во Кочани, ама Правдата не само што е “слепа“, туку кај нас е и глува. Одговори нема. Соседниот до нас народ и држава, српскиот народ, ја доживеа својата катастрофа со смртта на петнаесет луѓе на железничката станица во Нови сад, за потоа да востане и да ја придвижи целата држава, целиот народ, во потрага по правда, мир, одговорност и конечно за промена на власта. Со српскиот народ сме живееле во заедничка држава повеќе од седумдесет години, но ниту ние сме станале како нив, ниту пак тие не прифатиле “како свои“. Падот на ВМРО во 1934 година го означува и крајот на херојскиот период на македонскиот народ и неговото помирување со новото-српско ропство. Сега, во овој период на нашата државност, ја разбирам целосната суштина на флоскулата на Блаже Конески за нас како “смачкано племе“. Ние сме тоа и такви, нашата поддршка на родителите и роднините на жртвите од Кочани, ја илустрира визијата на Конески за нас…за нашата стерилност, егоцентризам и саможивост, за нас како неспособност за емпатија.
2. Лавот со “симнати пантолони“…
Некаде во овој период на годината, во 1982 година завршува Фокландската (необјавена) војна меѓу Аргентина и Обединетото Кралство. Прво Аргентина ги напаѓа и зазема британските острови во своја близина, за потоа премиерката на Обединетото Кралство Маргарет Тачер да нареди прекуморска и воздушна офанзива на Фокландите, тие да бидат заземени, а во Аргентина да падне тогавашна актуелна власт. Во периодот на неколку недели додека аргентинците владееја со Фокландите, британските и светски весници беа преполни со карикатури на “британскиот лав“ со ликот на (веќе покојниот) Черчил, исправен на задните нозе, со цилиндер на главата со британското знаме и со “симнати пантолони“. Две недели подоцна сликата се промени, или исчезна од весниците. Британија победи.
Во комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, Македонија го начека бугарскиот лав со 1340. годишна традиција, со “симнати пантолони“, ама радоста кратко траеше. Немаше ниту слични карикатури. Брзо беше разоткриен дилетантизмот на извештајот на Томас Вајц за Македонија, претпоставената коруптивност во неговото изготвување и подземните разузнавачко-финансиски малверзации во неговот креирање. Потоа “лавот“ си ги облече пантолоните и го возврати ударот. Последиците допрва ќе се почуствуваат. Вајц се жали дека добивал закани од Бугарија…е па, добредошол во клубот! Тоа е ризикот од професијата, а за совет нека се обрати кај Љупчо Ѓоргиевски од клубот “Ванчо Михајлов“ од Битола. Тој може да го поучи како се преживуваат закани на социјалните мрежи. Може да се јави и кај нас, во Трибуна.мк да му го објасниме говорот на омраза кон бугарите, она за што тој се прави дека не знае! Нема да се јави, тој знае дека парите покриваат сѐ!
3. Милијардите кои не ги гледаме!
Пет милијарди британски фунти и една милијарда “унгарски“ евра се движат низ виртуелните но и реални пространства во земјава, ама никој не знае каде се, за кого се и кој сѐ ќе се служи со нив. Ако нешто малку од тоа му дале на Вајц, тоа е добро за опстанокот на “вековниот македонски јазик и идентитет“! Ама така работата не може да врви до недоглед. Истовремено пари нема за лекување на повредените од Кочани, нема специјални ракавици за нивните изгореници и други специјални лекарства и помагала. Кочанската болница моли за ревитализација на некои одделенија, државата ветува, ама помошта не доаѓа. Пари просто нема на повидок, има само ветувања и мрачни финансирања на некои медиуми или приватни зделки.
Мицкоски е политички и општествен феномен. Без никакви знаења за политиката, историјата и економијата, само со трите изрази во неговиот речник – “нема бугари во Уставот, нема свиткана кичма и бараме реципроцитет“ тој успева да ја одржува политичката тензија и бескомпромисноста на масите. Изгледа дека добро го проучил Конески и неговото “смачкано племе“. Но, ја претчувствува и препознава иднината, она што не му успеа на Груевски.
Иднината не е на опонетите од СДСМ. Тоа е одамна една празна приказна, едно мртво тело, чија што реа во распаѓање, единствено потсетува на бившите победнички и револуционерни времиња. Ликот на Тито и романтичната вештачки створена претстава за Југославија, не можат да ги прекријат и истријат злосторставата сторени од тој режим врз сите југословенски народи. Мицкоски тоа го знае и знае дека минатото не е закана за него и за структурите на ДПМНЕ. Тој со СДСМ и Филипче не се занимава, тие НИКОГАШ нема да дојдат на власт, со нив е завршено во наредните десетина години. Целата борба на Мицкоски НЕ е борба против СДСМ и Филипче, тоа е борба против македонската интелигенција, за да ја блокира, за да “не измисли нешто ново, некое ново движење или идеја“. Тој знае дека минатото не е негова опасност, опасност е иднината која надоаѓа и новите идеи кои можат да ги мобилизираат масите против власта. Тој бара начин да ја препознае иднината и идејата, да ја блокира или ако може, да ја надмине. Едно треба да биде јасно: Македонија со ваквата своја национална и државна политика, со ваквата концепција на националните и човекови права, не може да успее во иднина.
Трагичнипот израз на Конески за нас како “смачкано племе“ дава надеж дека и ова раководство може, со помошта на стерилноста на духот на нацијата да владее бесконечно. Но, ако не успее, има само еден пат…кон Будимпешта!
Е*ати државата на која Будимпешта и е синтагма за спас!