Согласно законот пред неколку години на сметка од физичко на правно лице во кеш можело да се уплатат повеќе уплатници од едно лице, но максимум до 60 илјади денари или 1.000 евра на една уплатница. Такви уплати како донации од повеќе физички лица на име на политичка партија биле обработувани, целосно законити и согласно банкарското работење. За ова сведочеа повеќе лица вработени на шалтер во банка или пошта, повикани како сведоци на обвинителството на денешното рочиште за судењето за изборни нерегуларности Титаник.

Сведокот К.Ј, вработена во експозитура на НЛБ Банка во Аеродром од 2014 до 2016 година рече дека не знае точно која година, но дека во неколку наврати имале уплата од повеќе лица како донација.

– Знам дека пред крај на работно време дојдоа повеќе лица со иста цел и дознака – донација на 25 или 50 илјади. Не се сеќавам точно. Мислам дека донацијата беше ВМРО донација, изјави сведокот.

На вкрстено прашање од адвокат Сања Ангелиќ, дали тие уплати биле обработени и немале ништо спорно, сведокот рече да, дефинитивно беа законити и согласно банкарското работење.

Сведокот С.С. од Охрид, вработена во Македонска пошта како шалтерски работник, рече дека сега веќе уплатата мора да биде лична, но додека работела на шалтер пред три години можело и друго лице да врши уплати.

– На сметка од физичко на правно лице во кеш можеше тогаш до 60 илјади денари или 1 000 евра на една уплатница. Повеќе не можеше, рече сведокот. Додека работела на шалтер, рече дека, се сеќава на донација на повеќе уплатници на политичка партија од едно лице во износи од 6, 12 и 18 илјади денари.

Сведокот Н.Н., која исто така работела на шалтер во пошта во Охрид, на прашање од одбраната рече дека не знае точно дали уплатите биле донации или членарини за политичката партија, и уште еднаш потврди дека повеќе уплати од едно лице ги прифаќале сосема нормално како законити и ги нарекувале „врзани” или „сериски трансакции”.

Првиот сведок Д.З. од Скопје, кој бил член на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека имал донирано околу 20 илјади денари, преку уплатница во банка, но не се сеќава точно кога. Прашан од обвинителот Гаврил Бубески дали некогаш извршил донација од 60 илјади денари, сведокот рече не, додека на вкрстено прашање од адвокат Сања Алексиќ, дали во истражна постапка бил повикан и давал исказ во ЈО на истите околности, сведокот рече да.

Прашан дали во СЈО му биле предложени уплатници, меѓу која и на износ од 60 илјади денари за која кажал дека е негов потпис и дека тој ја уплатил, сведокот рече да, но дека потписот не бил негов. Откако му беше предочен неговиот исказ пред СЈО, каде вели дека е негов потписот на уплатницата од 60 илјади денари и дека однел пари во банка да ја уплати, на прашање од одбраната кој исказ е точен, сведокот рече дека е точно тоа што го кажал на денешното рочиште. На денешното рочиште треба да бидат сослушани уште тројца сведоци.

Следното рочиште е закажано за 21 декември. Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник” обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска. Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.