Во кумановско Слупчане колективниот отпор за влез на екипите од ЕВН во селото трае, а за компанијата, Арачиново е успешна приказна, каде што се модернизирала целата мрежа. Од ЕВН посочуваат дека имаат и индивидуални отпори при постапување на нивните вработени, а овие како во Слупчане се ретки. Посочуваат дека сите вакви ситуации успешно ги надминуваат. На речиси сите локации на кои има отпор има и кражби на струја.

„Индивидуалните кражби секогаш се утврдуваат на терен, односно на самото место и се пријавуваат во МВР“, велат од ЕВН за „Макфакс“, а на прашањето дали имаат асистенција од полицијата во Слупчане, тие додаваат: „Континуирано го известуваме МВР и добиваме одлична поддршка. Министерот е лично ангажиран за брзо изнаоѓање решенија во вакви ситуации“.

Во скопско Арачиново екипите на ЕВН веќе работат на модернизација на мрежата. И во ова место имаше организирани жители, кои не пуштаа претставници на селото да влезат и да дојдат до системот за напојување.

„Во моментот нема проблеми. Имаме одлична поддршка од градоначалникот и од сите надлежни институции. Денеска, го завршуваме проектот во целото село и набргу ќе излеземе со подетаљна информација за оваа успешна приказна. Пред почнување на проектот за реконструкција минатата година кражбите во Арачиново изнесуваа 80 %. Проектот е во завршна фаза и очекуваме загубите да бидат околу 10 %“, додаваат од ЕВН за „Макфакс“, пренесува Алсат.

Од компанијата посочуваат дека успешни проекти се веќе спроведени или се спроведуваат во најголемиот дел од Липковскиот Регион, Арачиново, Грчец и други локации во општина Сарај, Визбегово, Сингелиќ, Равен, Гостивар, Прилеп, Битола.