Текст и танц низ 15 сцени, вешто споени во кореографско – драмско дело кое ја има улогата на театарско огледало, во кое не само што ќе се огледаат „Слугинките“ на Жан Жане, туку режисерката Агнес Нокшиќи овозможува да се огледа и секој еден од публиката.

Приказната го истражува сложениот однос љубов-омраза помеѓу две слугинки, госпоѓа и господин. Заробени во циклуси на ропство и фантазија, слугинките копнеат по слобода, но остануваат врзани од своите желби и угнетувачката динамика на моќта.

„Текстот „Слугинките“ е избран поради сложените односи на моќ, желби и постојано менување на улогите, што отвора богат простор за истражување. Материјалот дозволува игра, претерување, промена на енергиите и слободно движење меѓу фикцијата и реалноста. Делото ја открива тенката линија меѓу сериозност и апсурд, создавајќи можност за продлабочена креативна работа и силна перформативна изразност“ – открива режисерката Нокшиќи.

Како и во животот, некои го користат своето страдање не како рана, туку како оружје, извртувајќи ја својата жртва во контрола, манипулирајќи, заплашувајќи – барајќи сочувство, а не покажувајќи никаква.

Во ова театарско огледало секој се одразува, па можеби некои ќе се препознаат себеси, а другите ќе погледнат настрана, а пак некои ќе откријат дека нивниот стисок никогаш не бил толку силен како што замислувале.

Претставата ќе се случи во МКЦ – клуб ресторан, а во неа играат Арбнора Адеми, Блендон Ахмети, Доника Ахмети и Агнес Нокшиќи.

Меѓудругото, вечерва на 50.МОТ ќе се одржи и ВР перформанс, проект на Нина Николиќ и Борјан Стојков, а во продукција на Ехо Анимато (Белград), LOOP (Атина) и Oyoun (Берлин), премиерно изведена во Берлин, мај 2025, спојувајќи ја технологијата и активизмот за преосмислување на театарот како простор за еколошка и емоционална поврзаност во рамките на проектот PROSPER кофинансиран од Европската Унија.

„Ехо од длабочината“ е имерзивен ВР перформанс што поетски ја истражува еколошката ранливост на Охридското Езеро – едно од најстарите езера во Европа, но и најбогато со биодиверзитет. Спојувајќи виртуелна реалност и жива перформативност, делото ја поканува публиката да нурне под површината во кревкиот подводен свет и да се замисли над односот меѓу човекот и природата. Создадена во рамки на меѓународна резиденција со осум уметници, изведбата обединува дигитална слика, звук и телесно раскажување приказни, поттикнувајќи емпатија и еколошка свесност. Перформансот завршува така што публиката ќе има можност да испрати лични пораки до граѓаните на Охрид, создавајќи симболичен мост на прекугранична солидарност.

Во него играат Саша Ханџиќ, Маја Зеќо и Благој Веселинов.

Текстот „Слугинките“ на Агнес Нокшиќи и ВР перформанс вечерва на МОТ е превземен од МАКФАКС.