„Транспаренси Интернешнл-Македонија“ го објави редовниот месечен извештај „Бистро-Матно“ за месец јули 2025 година, во кој се евидентирани повеќе случаи на коруптивни дејствија, злоупотреби на службена положба и сериозни системски слабости во институциите.

Во делот „Матни настани“, извештајот се осврна на случајот против претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, против која е поднесено обвинение за оддавање службени тајни во предметот „Адитив“. Таа вадела и фотографирала класифицирани податоци за набавки во енергетскиот сектор, а истрагата открила дека за добивање сертификат „државна тајна“, колега полагал тестови во нејзино име користејќи нејзини шифри.

Транспаренси го споменува како матен настан и годишниот извештај на Европската комисија за владеење на правото за 2025 година кој укажува на потреба од почитување на поделбата на власта, спречување на негативни последици од измените на Кривичниот законик и ефикасна имплементација на антикорупциските реформи. Во извештајот се посочува дека мешањето од властите предизвикува загриженост за независноста на судството.

Извештајот фрла светло и врз постапката против 36 лица осомничени за злоупотреби при доделување инвалидски пензии и право за туѓа нега. Тие, како дел од две криминални групи, наплатувале од 150 до 5.000 евра за незаконско посредување.

Државниот завод за ревизија утврдил сериозни системски слабости во работењето на Фондот за здравствено осигурување за 2023 година, како и финансиски и системски неправилности во Државното правобранителство, каде што е евидентиран недостаток на транспарентност и неправилности во постапките за јавни набавки.

Се посочува и дека Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти, кое не постои од 2017 година, сѐ уште функционира без ажурирана сметководствена евиденција, а документацијата е изгубена или одземена во истраги.

Во делот „Бистри настани“ се наведуваат неколку случаи каде се преземени конкретни постапки против сторители на кривични дела меѓу кои апсењето на позната очна докторка од Битола поради примање поткуп од пациент, понатаму, обвинение против директорот на Геријатрија за барање мито од 20.000 евра, обвинителниот предлог против поранешен претседател на СУНРСМ за злоупотреба на службена положба. Бистар настан е и веста дека Министерството за здравство овозможи онлајн пријавување на неправилности од страна на граѓаните преку веб-страница, со можност за анонимност и објавување на податоците на месечно ниво.

Текстот Случајот со претседателката на антикорупциската комисија најматен настан за јули, според „Транспаренси“ е превземен од МАКФАКС.