Расте бројот на претставки за вознемирување на социјалните мрежи, а случаи на дискриминација има и на работните места, во образованието и во спорот. Расте бројот на претставки за вознемирување на социјалните мрежи, а случаи на дискриминација има и на работните места, во образованието и во спорот, објави Дојче Веле.
За само три месеци од почетокот на годинава се поднесени 57 претставки до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Сепак, случај којшто доби најсилен медиумски одек и реакции во јавноста беше приказната за малата Ембла од Гостивар, којшто беше гласен крик против предрасудите и стигматизацијата.
Малата Ембла, дете со попреченост, поради петиција на родители на нејзини соученици, беше преместена од одделението во несоодветна просторија. Откако случајот беше јавно обелоденет, Комисијата за заштита од дискриминација, покрена постапка по службена должност во која утврди еден од најсериозните облици на продолжена дискриминација, исклучување и сегрегација. За случајот се заинтересира и претседателот Стево Пендаровски, кој во знак на поддршка на малата Ембла и нејзиното семејство ја однесе на училиште, во средината каде што таа подолго време била несоодветно прифатена.
„Иако ова беше потежок облик на дискриминација, сепак по укажувањето и препораките на Комисијата, ова е еден од ретките случаи во кои имаме добиено сеопфатен одговор кој значи постапување по сите препораки“, вели Игор Јадровски, член на Комисијата.
Дел од препораките на Комисијата веднаш беа исполнети од училиштето – девојчето беше вратено во одделението и беше направена посебна програма за нејзините потреби. „Училиштето нѐ информираше дека во соработка со регионалните ресурсни центри ќе обезбеди посебна просторија која ќе има асистивна технологија и дека во соработка со училиштето „Златан Стремец“ е во постапка на изготвување програма за сензибилизација на вработените во училиштето и на родителите“, вели Јадровски.
Највеќе дискриминација на социјалните мрежи
Половина од сите претставки кои во првите три месеци од 2022 година биле поднесени до Комисијата биле од областа на јавно информирање и медиуми и најчесто се поради вознемирување на социјалните мрежи.За разлика од Законот за медиуми, Комисија пошироко ја третира оваа област и во дефиницијата за медиуми ги опфаќа и интернет-порталите и социјалните мрежи. Комисијата донела 46 одлуки – во 26 мислења утврдиле дискриминација, во десет не утврдиле, во два случаја не постапиле или ја запреле постапката. Осум претставки биле отфрлени поради ненадлежност, неуредност или ненавременост.