Словенечкото претседателство има амбициозна агенда за регионот, но со тоа изгледа не се согласува целата ЕУ.
Како што пишува лондонски „Фајненшел тајмс“ (секогаш добро информиран за случувањата во Брисел), на состанокот на амбасадорите на земјите-членки во петокот Словенија предложила цел Западен Балкан да биде примен во ЕУ до крајот на деценијата. Тоа, како што наведува ФТ „ги занемело“ другите членки.
Овој словенечки предлог доаѓа на неколку дена пред самитот на ЕУ и Западен Балкан во Брдо кај Крањ. „ЕУ треба да се прошири за да го вклучи целиот Западен Балкан до крајот на деценијата, според предлогот на претседавачот на блокот што ги запрепастил земјите-членки пред самитот на 6 октомври. Идејата за брзо вклучување на земјите, вклучувајќи ги Србија и Босна и Херцеговина во ЕУ, се појави во петокот од Словенија. Тоа доаѓа во пресрет на состанокот на лидерите на ЕУ на кој ќе се разговара за проширување на унијата од 27 членки“, пишува ФТ.
„Потребна ни е декларација. Ова е многу важно“, изјавил еден дипломат од ЕУ за лондонскиот весник. „А таква со датум нема да биде прифатена“.
Можеби и поради овој предлог претседателот на Европскиот соевт, Шарл Мишел, во петокот попладне испрати порака до сите учесници на самитот на 6 октомври дека на таа средба нема да се разговара за проширувањето на ЕУ, туку за економско закрепнување на регионот.
Мишел во пораката наведе дека самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија на 6 октомври „уште еднаш ќе укаже на стратешката важност на регионот за Унијата“, а клучните финансиски институции ќе презентираат како може да се помогне за закрепнувањето на регионот, додека лидерите на ЕУ и Западен Балкан ќе објаснат како да се продлабочи политичкиот дијалог, безбедноста и регионалната соработка и решавање спорови. За проширувањето нема да стане збор.
Мишел истакна дека на специјална сесија, претставници на Регионалниот совет за соработка, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Светската банка „ќе ги презентираат своите ставови, а фокусот ќе биде на зајакнување на нашиот ангажман за забрзување на општествените економско закрепнување и одржлив развој“ на регионот.
„Фајненшел тајмс“ пишува дека проширувањето е високо чувствително прашање за ЕУ, која е поделена околу потребата и брзината со која треба да се дозволи земјите да се приклучат на блокот. Но, Унијата е под притисок да продолжи со пристапните преговори со балканските земји, кои исто така се додворувани за поблиски врски со Кина и Русија. А во исто време предлогот на Словенија го сметаат за целосно нереален.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, минатава недела беше на турнеја по земјите од регионот да ја искаже поддршката на Унијата пред самитот во Словенија, но нејзините пораки не одѕвонуваат како порано, затоа што блокот не се држи кон она што го вети и не испорачува. Особено за Македонија и Албанија.
ЕУ додаде 13 земји-членки помеѓу 2004 и 2013 година во брза експанзија. После тоа, Жан-Клод Јункер, поранешниот претседател на Комисијата, вети дека нема повеќе приеми до 2019 година, но земјите кандидати стануваат сѐ понестрпливи, бидејќи Брисел продолжува да не испорачува. „Политичарите во регионот гледаат на темата со акутна фрустрација, додека апетитот за понатамошно проширување е низок во голем број од поголемите членки“, пишува „Фајненшел тајмс“.