Словенечкиот министер за здравство, Томаж Гантар, денеска поднесе оставка на функцијата откако неговата партија ја напушти владеачката коалиција на десниот центар, што претставува директен удар за премиерот Јанез Јанша во време на пандемијата на коронавирусот.

Гантар изјави дека оставката ја поднесува по одлуката на неговата Демократска партија на пензионерите (ДЕСУС) да ја напушти коалициската влада во знак на протест против популистичката политика на Јанша.

Премиерот се соочи со обвинувања за притисок врз медиумите и забрана за критика во оваа традиционално либерална земја на Европската унија.

Јанша ги негираше обвинувањата и кажа дека привремено самиот ќе го раводи Министерството за здравство.

Владата на Јанша се уште има мнозинство во парламентот, откако ДЕСУС ја напушти коалицијата.

Словенечката Влада предводена од Јанша беше формирана во март, по оставката на претходниот премиер Марјан Шарец.

Лидерот на партијата ДЕСУС, Карл Ерјавец, поранешен словенечки министер за надворешни работи, како причина за напуштање на коалицијата го наведе „огромниот притисок“ од партијата на Јанша врз „сите важни подсистеми“.

Ние не сакаме „орбанизација“ на Словенија, автократски систем и страв кај луѓето, рече Ерјавец, мислејќи на унгарскиот премиер Орбан, чија влада е под постојани критики од Европската унија.

Извор:МИА