Во четврток, на 24 декември, во 18 часот на платформите „Зум“ и „Фејсбук“, организацијата Слоу фуд Македонија ќе го промовира списанието „Полжавче“.

Семето на минатото е цвет на иднината. Оваа оваа мисла најдлабоко ја покажува суштината на Слоу Фуд, но и на новото списание „Полжавче“. Создавањето на ова списание е сеење на семето на љубовта за од него да никнат вистински луѓе што веруваат во вистинските вредности за добра, чиста и правична храна, луѓе што ќе знаат да произведат таква храна, да ја подготват, да ја споделат и да знаат дека храната е и задоволување на физичките потреби, но и култура на живеење, традиција, естетика, задоволство и љубов, велат од Слоу фуд Македонија.

„Полжавче“ им се обраќа на наставниците, на координаторите на училишните градини, на сите оние што веруваат во мисијата и во важноста на училишните активности на Слоу Фуд Македонија, на родителите и на сите оние на кои им е важна среќата на децата, па оттука на еден или на друг начин, директно или индиректно „Полжавче“ постои за иднината на овој свет-за децата.

Наспроти сè брзо што ни се случува во светот, нашето полжавче е бавно, но токму заради тоа успева на вистински начин да ги осознае работите и да ужива во благодетите на животот. Затоа нашето полжавче е среќно и токму тоа ќе ве води низ интересните содржини. Полека, смирено, посветено и сконцентрирано. „Полжавче“ се креираше со многу љубов и посветност и во неговото создавање се вклучија низа стручњаци од различни области кои за вас пишуваа на различни теми, велат од Слоу фуд Македонија.

Освен од членството од конвивиумите на Слоу Фуд Македонија, организацијата има поддршка и од пријателите од Италија, Романија, Африка.

На промоцијата ќе учестуваат: Василка Стефановска, лидер на Слоу Фуд Водно, член на НО на Слоу Фуд Македонија, Гоце Бумбароски, наставник по одделенска настава и член на Слоу Фуд Прилеп, Тодорка Наумоска Димески, нутриционист, блогер за храна и лидер на Слоу Фуд Прилеп, Валентина Ѓорѓиевска Парго, новинар и екологист, Андријана Јаневска, естрадна уметница, професорка и виолинистка, Бобан Симоновски, готвач, член на Слоу Фуд Алијанса на готвачи, Катерина Јордановска, проектен асистент во Слоу Фуд училишни градини, ученици од ООУ „Блаже Конески“- Прилеп чии ликовни и литературни творби се застапени во списанието „Полжавче“, директорката на училиштето, Ангелка Баракоска, директор на ООУ „Блаже Конески“ Прилеп,  Христина Мирческа, наставничка во ООУ „Блаже Конески“, координатор за училишната градина. Модератор: Филип Димкоски, уредник на „Полжавче“, член на Слоу Фуд Прилеп.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.