Пишува: ДРАГАН АНТОНОВСКИ

Нема голема филозофија за потребата за слобода на медиумите. Тоа е императив, одлика на  демократските општества, цел на професионалните новинари, сатисфакција за лидерството на која било држава. За неа треба да се бориш и да се избориш. Таа борба е  постојаност, дел од медиумските работи.

 

Еднаш освоената слобода воопшто не значи дека тоа ќе остане така. Еднаш победен режим, власт, политичка елита, воопшто не значи дека тој следниот, новата власт, нема да сака да те врати повторно под контрола. И тоа е постојаност. Во тој амбиент на “еден чекор напред, два назад“, што е слика и амбиент за целото општество, новинарската професија не може да биде изземена.

Информирањето е работа за професионалци. Но, и таму ги има и добри, и приучени и натрапници, рекетари кои ја злоупотребуваат професијата. Исто како и во општеството. Пропагандата ја потисна информацијата и таа најлесно поминува. Одлично се продава кај неинформираното граѓанство, поминува кај полуписмената јавност, а ботовите и политичките војски ја пренесуваат и го бетонираат незиното влијание по социјалните мрежи. Сето ова се препродава со поддршка на исто таквите, полуписмени или приучени  “новинари“ на порталскиот и интернет простор.

Изворите на пропагандата не се неуките и неписмени луѓе. Напротив, тоа се сериозни аналитички центри, ПР агенции, комуниколози  и медиумски професионалци. Тие точно знаат што сакаат да постигнат. Исто како и со дезинформациите, и пропагандистите имаат јасна цел, да скријат една и да продадат и фокусираат на друга „вистина“.

Најчесто тоа се „продава“ преку платени медиуми, портали, телевизии, текстови,  и тоа е она што е видливо и за помалку упатените. Скриените пропаганди многу често се подметнуваат и преку останатите кои немаат таков предзнак на пропагандистички мегафони – преку податливи новинари, кои понекогаш, во ловот по ексклузивитет или поради безидејност, знаат да влетаат и да бидат алатката преку која ќе се продаде или дезинформацијата или пропагандистичката порака.

Заблуда е кога се мисли дека манипулираат само политичките елити, партиите и министрите. Не помалку платениот ПР, не само економски, се испорачува преку рекламите, огласите и едно сеопфатно бизнис влијание. Во пакетот на  „огласувачи“ поминуваат мултинационални корпорации, инвеститори, бизнис структури кои ги финансираат медиумите или новинарите поединци, и на тој начин обезбедуваат влијанија и за себе и за партиите, односно власта која ги остава комотно да ги работат своите бизниси.

Во тој конгломерат на купено влијание, во кој се измешани политичките и бизнис интереси, за начинот на кој се обезбедува влијанието кое има општ наслов „притисоци, дезинформации и пропаганда“, потпомага и социјалниот статус на медиумските работници, кои со години наназад се лесно куплива роба – поради ниските плати, отсуство на колективни права и договори од една страна, како и отсуство на правила во  професијата. Недостасува разграничувањето на различностите, кои не секогаш се богатство на амбиентот, а тоа е кој може да се детерминира како новинар, кој е професионалец, кој маргиналец, што значи автор, а што препишувач, и на крајот – што значи медиумски уредник, а што медиумски пропагатор.

Можна насока за излез се професионалните новинарски здруженија, кои за жал со децении наназад немаат храброст отворено да се оградат од оние кои го урнаа угледот на новинарската професија. Ако се нема храброст за лиценци како и во секоја професија, можеби, колку и да звучи елитистички, новинарските здруженија мораат, пред сѐ, да направат разлика и да покажат со прст на злоупотребите на професијата. На пример, за не-новинарски работи би можело да одземе членството во ЗНМ, а не да се оди на голема бројка на членство во која се измешани сите. Советот на честа на најстарото новинарско здружение мора да има став, а не страв од влегување во војна со пропагандата во име на професионалноста.

Членството треба да се заслужи, не да се пребројува.

Има проблем и со новинарскиот фокус или, попрецизно, дефокус. Новинарските редакции сѐ повеќе се фокусирани на покривање на диктираните настани, отколку на откривање на настани.

На пример, темата за изградбата на автопатите од „Бехтел и Енка“ е на ниво на турска серија со секој почеток на кои било вести, а главните јунаци се опозицијата која вели дека е криминал, наспроти власта која вели дека е историски договор!? Јавноста е како во арена, поделена. Навивачки, секој за својот тим со едно „Уаа лопови“. А, ниту една новинарска редакција, барем јас не забележав, дека побара повеќе информации од фирмите, или од амбасадите кои се појавија како поддршка на истата бина со сите инволвирани страни.

Колку држеше фокусот  за застареното дело на Сашо Мијалков, односно ја дотеравме ли приказната до тоа чија е одговорноста? Немавме воопшто тема дека благодатниот оган за Велигден беше донесен со службениот владин авион, ама имавме дека некој министер ја возел службената кола за приватни или партиски обврски. Мигрантката која беше несреќно убиена преку шверцерските канали не беше јака тема за истражување. Изјавата на Гир дека е катастрофална состојбата со  корупцијата беше само дневна изјава. Писмото на Агелер за македонските судии го снема, или изјавата на Ленче Ристовска, иако тоа е деценискиот баланс на македонската демократија – сѐ е тоа е само дневна новинарска приказна.

Тоа што информациите по медиумите имаат (с)поделена вистина, секој слуша само тоа што му одговара и воопшто не го интересира втората страна, е пракса која ниту новинарите веќе не ги загрижува, ниту пак на неа од некого се инсистира. Тој медиумски дефект, како дел од загадениот простор, израсна пред сѐ од просечноста на лидерството, од парламентарната говорница, па партиските пресови и секако од новинарските трансмитери, кои без задршка пренесуваат,  а не анализираат. Тоа не е притисок, тоа е пристап.

Поинаку кажано, во оваа држава секој има своја вистина, граѓанинот една, административецот друга, работникот трета, политичарот четврта, помножено со бројот на партиите, и како реалност: вистината и безочната лага,  информацијата и дезинформацијата, клеветата и фактите во стилот на „реко ми човек“ – се изедначуваат кај полуписмениот или неупатениот читател.

Во таа слобода на медиумска неписменост и не се потребни некакви големи притисоци за да некој каже некаква „вистина“, клевета , лага… Едноставно, пропагандистите, преку социјалните медиуми или тој недефиниран интернет простор, си купија свои колумни, свои партиски говорници, преку ботовите си создадоа машинерија која продава сѐ и сешто за да се девалвира противникот, или промовира и покачи нарачаниот рејтинг.

Потаму, понижувањето на новинарите од страна на највисокото политичко водство не мора да е само притисок, може да е и одговор на бизнис планот на мегафоните на медиумските магнати – сопственици и на медиумот и на ставот на уредниците. Или,  можеби и одговор на новинарскиот рекет и медиумската неписменост од кои никој не се оградува. Сѐ тоа е двонасочна улица.

Онлајн просторот и социјалните медиуми ама баш никој нема интерес да ги регулира. Саморегулацијата не поминува кај полуписменото  и некадарно општество, со кое сакаат да владеат некапацитетни ликови и партиски профитери.

Пропагандата и дезинформациите се, пред сѐ, политички и бизнис план. Животните прилики, егото на некои ликови кои делуваат како платеници за подбив и говор на омраза, тоа е во мејнстримот на овие простори. Маргинализација на фактите, невистините потхранети со непрофесионалноста, оставаат просто  изопачените идеи во секое време да експлодираат, особено кога наративот е меѓуетнички и геополитички.

Да ја имаш слободата на просторот, пристапноста и неограничената гласност – и тоа е  проблематично во несредено општество. Демократија без правила, ред и поредок преминува во анархија. Слободата на медиумите не може да се поистоветува со слобода за непрофесионалност, неаргументираност и дезинформирање. Медиумските слободи подразбираат професионалност, кодекс и на пишување и однесување.

Малограѓанштината во претпладневните ТВ контактни програми, каде партиски платеници, дали со осмо одделение и една екскурзија или не, напаѓаат и дебатираат за геополитика и имаат по цел час простор, а на новинарските професионалци во вестите на која било телевизија не им се дозволува прилог подолг од 1 минута и 30 секунди или до 2 минути, не е ништо друго туку потценување на професионалноста и релативизирање или уништување на информацијата и на информативниот сегмент во медиумите. И потценување на публиката.

Денес секој може да пишува, да мрази, да блуе, да бербати. Секој може да се крие зад маската на  некаков патриотизам, нечиј интерес и дефинитивно не важи повеќе она старото – дека после напишано и објавено, треба и ноќе да спие. За жал, нема немир, сите спијат.

Новинарската професија, медиумските работи бараат целосна посветеност и одговорност. Таа сепак треба да се работи согласно нејзините правила и етички кодекс. А, слободата е во тоа што нема ограничување на темите, нема забранети и неодговорени прашања. Зборувам за сработено според стандардите, не според емоциите. Според јавниот, а не личниот интерес. Тука нема место за субјективниот, партискиот или бизнис интересот. Кога зборуваме за професија. Е, само во таква слобода нема лимит. Сѐ останато е узурпирање и (зло)употреба на новинарството, новинарите  и (не)професионалците.

(Авторот е новинар и генерален директор на Медиумската информативна агенција МИА)

Извор: ИМА