Следната недела ќе почне вакцинирањето на вработените во обвинителството, судовите, инспекциските служби, новинарите и медиумските работници.
Со нив, се очекува да заврши вакцинацијата на приоритетните групи од т.н. критична инфраструктура – луѓе кои имаат многу контакти во работата.
Во А1 Арената „Борис Трајковски“, од почетокот на оваа недела со „Спутник“ се вакцинираат припадниците на Армијата и МВР, дел од здравствените работници, наставниците и воспитувачите во градинките.
Досега се вакцинирани 18 261 граѓанин.
Во тек е и вакцинацијата на лица над 77 години со вакцината „Астра Зенека“.
Премиерот Зоран Заев пред два дена најави дека околу 300 илјади вакцини од различни производители се очекува месецов да пристигнат во земјата. Тој образложи дека станува збор за првите вакцини од Европската Унија наменети за Западен Балкан, од кои за Македонија се издвоени 100 илјади дози. Првично, од нив би требало да стигнат 20 – 25 илјади, рече Заев.
Понатаму, се очекува да пристигне и првата пратка од вакцините од „Фајзер“, како и втората пратка преку Ковакс-механизмот. За месецов, планирана е и испораката на 200 илјади кинески вакцини, како и значителна количина „спутник В“, за кои има договор за 200 илјади дози, додаде премиерот.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.