Македонската полиција е веќе на високо ниво во соработката со Европол. Сега треба да се утврдат следните чекори и да се следат парите на криминалните организации, е пораката што ја упати во интервјуто за МИА извршната директорка на Европската агенција за спроведување на законот – Европол, Катрин де Бол.
Таа потенцира дека соработката е многу добра на оперативно ниво, имаат директна интеракција со македонските полициски служби, имаме луѓе од полицијата во нашата канцеларија. Наведе дека заедно работат на различни случаи во различни области од криминалот и постигнуваат добри резултати. Извршната директорка на Европол ја истакна добрата соработка со Северна Македонија во однос на криумчарењето мигранти.
-Поради вашата географска положба овде во регионот вие сте од клучно значење, како транзитна област и илегалната миграција често се користи од групите на организиран криминал, вели таа.
Де Бол смета дека треба и ќе се направат дополнителни напори и надградба во областа на економскиот и финансискиот криминал, како и на пример енкрипцијата, шифрираната комуникација, нагласувајќи дека за полицијата е многу тешко да се справи со тоа.
Во интервјуто таа говори и за потребата и нужноста од регионална соработка и поврзување во борбата со организираниот криминал во сите негови форми. Де Бол нагласи дека за нив регионот на Западен Балкан е од клучно значење за соработка, а Северна Македонија беше првата земја во регионот со која Европол склучи оперативен договор во 2012 година. Од 2015 година, нагласи, имаме канцеларии за врски со Северна Македонија во седиштето на Европол.
– Соработката помеѓу регионите во борбата против организираниот криминал е клучна затоа што единствениот начин да се разбие некоја криминална мрежа е да има добра мрежа на полициска соработка. Затоа сум тука. За нас регионот на Западен Балкан е од клучно значење за соработка. Со сите земји на Западен Балкан имаме оперативни договори за да можеме заедно да соработуваме во справувањето со организираниот криминал и во борбата против тероризмот, вели Де Бол во интервјуто за МИА, кое целосно ќе биде објавено утре.