Трајко Славевски, универзитетски професор, поранешен министер за финансии, а сега претседател на Советот на Град Скопје, во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека не очекува многу од новата Влада, поради тоа што Заев оставил многу нерешени прашања.

Морам да бидам искрен, немам некои позначајни очекувања. Се наоѓаме во тежок период, тешко наследство остава претходната влада на чело со господинот Заев, многу нерешени прашања, до максимум зголемена поларизација во општеството, меѓу граѓаните, политичките субјекти, неснаоѓање како одговор на кризите- здравствената, енергетската криза и слично. Така што постојат објективни причини, со спортски жаргон речено, еден вака неуигран тим да се носи со тие проблеми, а од друга страна виси и легитимитетот. Она што го видовме на локалните избори потврди дека мнозинството граѓани не се согласуваат по политиките и на локално и на централно ниво на сегашната композиција на владата, без разлика дали кон неа се приклучила некоја помала партија за да го зачува мнозинството. И мислам дека тој јавен притисок за нерешени проблеми постојано ќе се зголемува во јавноста и ќе биде најдобро решение да се одржат предвремени парламентарни избори во текот на 2022.