Трајко Славевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ денес на панел дискусијата насловена „Четири години Заев, четири години украден живот. Доста е!“ рече дека ваков рапиден раст на јавниот долг не се случил ни во време за кризата во 2008 и 2009 година, како денес во време кога Зоран Заев е премиер. И без пандемијата јавниот долг ќе раснеше бидејќи концепцијата за развој на економија на СДСМ не се темели на создавање на вредност и умножување на богатството туку на распределба. А, со тоа власта ја зголеми сиромаштијата во државата.
„Оправдувањето кое што сега се наоѓа за рапидниот раст на јавниот долг што не е досега случено во таков краток временски период во Република Македонија не се случи ни за време на кризата од 2008 и 2009 година. Не сме забележале таков период од осамостојувањето, за таков краток временски период да се зголеми толку драстично јавниот долг“, рече Славески.
Славески додаде дека црвената линија на јавниот долг е премината.
„И покрај најавите бомбастични сега за не знам колку беа 3.8 милијарди јавни инвестиции, а другите приватни за да дојдеме до цифрата над 8 милијарди кои што ги лансираше Заев, Владата предводена од СДСМ во изминативе четири години не направи ништо за подготовка за реализација на капитални инвестиции“, нагласи Славески.
Славески посочи дека треба капацитетите на сите буџетски корисници да се зајакнат, а тоа е пропуштено. Поради тоа Македонија има катастрофално ниво на реализација на капитални инвестиции.
„Апсорпциската моќ на економијата доколку продолжи оваа Влада во иднина во наредните година две, нема да можеме да очекуваме некое значително поместување во реализација на капиталните инвестиции“, појасни Славески.
Славески рече дека во наредните неколку години со СДСМ на власт стандардот ќе опаѓа.