„Несомнено, квалитетните и навремени податоци и анализи се клучни во носењето на кредибилни политики со кои се одржува макроекономската стабилност. Затоа, Народната банка своите одлуки секогаш ги темели на робусни докази засновани на детални емпириски истражувања, статистички анализи и квалитетни податоци, коишто го одржуваат и јакнат нејзиниот кредибилитет. А во време на глобални неизвесности и повеќе последователни кризи, токму силниот кредибилитет претставува најмоќната алатка за успешно остварување на целите на монетарната политика“. Ова го порача гувернерот Трајко Славески во своето воведно излагање на годишната конференција „Применети економски истражувања: патот кон оптимални национални стратегии и политики во турбулентни времиња“ организирана од страна на Балканската асоцијација на економисти во применета економија, во соработка со и поддржана од Економскиот факултет – Скопјe при УКИМ и Сојузот на економисти на Македонија.

Славески се осврна на анкетното истражување на Global central banking околу главните приоритети на централните банки, оперативните поставености и, следствено нивните истражувачки активности во следниот период.

„На прво место е финансиската стабилност, при што над 45% од централните банки даваат приоритет на финансиската стабилност и отпорноста, во контекст на тековните глобални предизвици. На второ место е справувањето со инфлацијата, при што мерките што ги преземаат централните банки се во насока таа да се сведе на историските нивоа од околу 2%. Третата област е кибер-безбедноста и вештачката интелигенција, коишто се новите предизвици пред кои што се исправени централните банки“, истакна гувернерот Славески.

Во фокусот на истражувањата се и дигиталната трансформација, вклучително и воведувањето на дигиталните валути коишто сѐ помасовно стануваат дел од стратегиите на централните банки.

Славески посочи дека носењето на одлуки базирани на докази е неопходно за централните банки успешно да ја извршуваат својата функција во комплексноста на денешните економии, особено во услови на епизоди на висока инфлација, брзи технолошки трансформации, огромна неизвесност и гео-економска дезинтеграција.

Во своето обраќање тој порача дека Народната банка посветено и во континуитет работи на подготовка на напредни и сеопфатни истражувања и анализи, коишто претставуваат еден од главните чинители при носењето на одлуките со кои се одржува севкупната макроекономска и финансиска стабилност на земјата.