Голема е честа да се биде предводник на победничката листа на советници во Градот Скопје, затоа што ова е борба на два концепти – концепт на уништување на стекнатото и концепт на промени, проекти и победи. Концепт на неработа наспроти концепт на реализација на дела. Концепт на манипулации наспроти концепт на реални и остварливи решенија, рече професор Tрајко Славески, носител на листата на кандидати за советници во Советот на Град Скопје
„Скопјани повеќе не сакаат Скопје да е во застој. Да биде валкано, заробено од група корумпирани моќници, и со уништен дух. Скопје веќе четири години го предводат луѓе кои имаат натрупано огромно богатство во пари, викендички, хациенди и автомобили за кое немаат покритие. Луѓе кои среде Скопје градат хациенди без одобрение. Кои не трепнуваат кога низ Скопје изникнуваат бетонски чудовишта без контрола. Луѓе кои местат тендери во кои победуваат најскапите и најнеквалитетните понуди“, рече Славески.
Според него на Скопје му се потребни проекти, вистински, реални и остварливи, а не само празни ветувања за тунели под Кале, Скопје, гасификација, подвозници кај Мавровка, нов парк во Карпош, нов мост во Ѓорче…
„Ние се зафаќаме со решавање на вистинските проблеми на граѓаните. Со целосна поддршка на Програмата за модерно Скопје на независниот кандидат за градоначалник, Данела Арсовска, ние се обврзуваме и гарантираме исполнување на клучните проекти за градот Скопје. Град со ред во сообраќајот. Брзи сообраќајници кои ги поврзуваат сите населби. Град со достапен и ефикасен еколошки јавен превоз. Гасифициран град со можност за приклучок во секое домаќинство. Град со нови паркови на десетици илјади метри квадратни. Град со нова универзална сала, нов забавен парк. Град со нови можности за младите да останат да живеат и творат во Скопје. Тоа е Скопје што го сакаме, тоа е Скопје што го заслужуваме! На овој начин ќе ги решаваме децениските проблеми на скопјани. Со практични, брзи и сигурни решенија“, рече Славески.