Министерството за здравство и Владата на Македонија од денеска почнуваат кампања „Празнувај одговорно“ за подигнување на свеста на граѓаните за почитување на мерките во пресрет на празниците.

Пред нас е најубавиот период во годината, познат по големите семејни слави и новогодишни прославувања. Традиционално, овие деновие за сите нас значеа големи собири со семејствата и пријателите. Но, годинава е одбележана од светската пандемија на ковид -19, велат од МЗ.

Министерството за здравство, уште еднаш посочува дека крајот на оваа и почетокот на следната година претставуваат голем ризик за зголемување на и така огромната бројка заразени со ковид -19, токму поради славењето во затворен простор во големи броеви.

На сите треба да ни е јасно дека во престојниот период носиме одговорност за своето но и здравјето и животите на најблиските. Почитувањето на мерките пропишани од Министерството за здравство останува најдобар начин за борба со коронавирусот. Да потсетиме, мерките кои се изречени се следните:

– Се препорачува да нема групирање на граѓаните во домовите на семејни прослави, слави и други собири во групи
– Се забранува групирање на јавен простор на повеќе од 4 лица.
– Се забранува групирање по паркови и други јавни места на повеќе од 4 лица.
– Граѓаните доколку немаат потреба да не ги напуштаат домовите по 18 часот.

Потребно е сите заедно да бидеме одговорни и разбрани за важноста на овие мерки, но и да не дозволиме најубавите мигови во семејството да се претворат во лоши спомени.
Овој празничен период да прославиме одговорно, да ги почитуваме мерките за заштита и да мислиме на своето и на здравјето на нашите сакани. Славењето може да почека – здравјето не, велат од МЗ.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.