Дирекцијата за култура и уметност на Скопје в понеделник повикува на џез концерт на Ѓорги Шаревски трио во Сули ан со почеток во 20.30 часот. Покрај Шаревски, ќе учествуваат и Акира Накамура од Окинава, Јапонија на тапани и Оливер Јосифовски на контрабас.
„Извонредна интеркултурна соработка, каде што триото на Георги Шаревски се обединува со еминентниот јапонски тапанар Акира Накамура за динамичен настап што умешно ја обединува источната прецизност со европската џез естетика.Предводено од македонскиот гитарист и композитор Георги Шаревски, фокусот на ова посебно трио се автентични авторски композиции, прецизна меѓусебна комуникација и соврмени хармонски структури. Со приклучувањето на Накамура и неговиот изразен ритмички јазик и смела импровизациска визија, овој исклучителен настап претставува возбудливо музичко патување исполнето со спонтаност, експлозивна енергија и бесконечен грув“, велат од Дирекцијата за култура и уметност.
Публиката ќе има можност да слушне внимателно избрана програма составена од авторски композиции, кои ги прошируваат хоризонтите на современиот џез израз.