Скопски пазар повторно атрактивен. Двете фирми, како досегашни најголеми акционери, сега имаат намера да го откупат и останатиот дел обични акции. По цена од 6.500 денари по акција, Современ дом од Прилеп и ЗСФ КОМ ДООЕЛ од Скопје, претендираат да станат единствени сопственици на Скопски пазар. Потврда за ваквата намера стаса и од првиот човек на ЗСФ КОМ –Фатмир Етеми. Вели, дека досега многу време и енергија им одземале токму ситните акционери и административните пречки.
„Тоа го направивме бидејќи вака како акционерско друштво посложено функционира Скопски пазар, одлуките потешко се носат. Доколку ние го преземеме целосно Скопски пазар, тогаш одлуките ќе бидат полесни и така фирмата ќе функционира подобро“, вели Фатмир Етеми.
Ние сме на втор ден од понудата а рокот е триесет дена, ќе почекаме и ќе видиме кој и како ќе понуди, додава Етеми.
Кредитите во вредност од околу осум милиони евра, како што потенцира Етеми се наследени од претходната раководна постава. Сепак, негира дека ваквата состојба, се одразува директно и врз вработените. Вработените ,како што објасни порано земале плата во три дела за разлика од сега кога платата ја добиваат навремено и во целосен износ. Инаку за ново настанатата состојба во Скопски пазар реагираа и од Македонска берза .Од таму известуваат дека одборот на директори на Берзата донел заклучок за внесување на издавачот Скопски пазар АД Скопје на „Листата за набљудување“.
„Внесувањето на друштвото Скопски пазар АД Скопје на „Листата за набљудување“ е со цел да се обрнување на внимание на инвеститорската јавност“ стои на македонската берза.
Ставањето на листата на набљудување не треба да се сфати како нешто лошо појаснуваат од Македонска берза. Напротив,според нив , тоа укажува дека постои активност и дека процесот е транспарентен.