На платото пред спортската сала Расадник, во Општина Кисела Вода утре ќе се одвива „Скопска Новогодишна приказна“– целодневна прослава која ќе ги обедини генерациите со богата програма за сите.

Настанот стартува во 10:30 часот со настап на балетското студио „Лебед“, продолжува со Бисера Мојаноска и театарската група „Театар за тебе“, а најмалите посетители ќе уживаат во настапот на „Поточиња“, аниматорите и магичниот Дедо Мраз, кој со себе носи пакетчиња за присутните деца и оваа година доаѓа во друштво на ликот Гринч.

Вечерната програма започнува во 20:00 часот со настап на популарната група „Куку Леле“, а водител на вечерта е Игор Џамбазов, кој ќе настапи заедно со „Гуру Харе Бенд.“ Музичката програма продолжува со ДНК и Врчак, а кулминацијата на прославата е настапот на Лозано, кој ќе го означи пречекот на Новата година.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ги повикува сите жители на Кисела Вода и Скопје да бидат дел од оваа празнична приказна.

– Годината што ја оставаме зад нас беше година на заедништво, напредок и важни успеси за Општина Кисела Вода. Со „Скопска Новогодишна приказна“ сакаме да го крунисаме сето она што го постигнавме заедно, создавајќи празничен дух кој ќе ги обедини сите генерации.

Ги поканувам сите жители на нашата општина, но и граѓаните на Скопје, да ни се придружат на платото пред спортската сала Расадник и заедно да го дочекаме почетокот на Новата 2025 година. Кисела Вода годинава ја претвора новогодишната ноќ во вистинско празнување на заедништвото, радоста и музиката, со програма која е дизајнирана за секого – од најмалите, па до најголемите.

Ве очекуваме со радост да заедно ја испратиме старата и да ја пречекаме новата година со многу љубов, радост и добра музика-изјави Ѓорѓиевски.