За жал, со години наназад Скопје се наоѓа на врвот на најзагадени главни градови во светот, а местоположбата на градот, магливите утра во текот на зимскиот период но и нееколошкиот начин на греење на домаќинствата, дополнително придонесуваат скопјани секоја грејна сезона да дишат загаден воздух и тоа неколкупати над дозволеното ниво на загаденост.

Скопје денес се најде на четвртото место во светот по загаденост на амбиенталниот воздух со измерени рекордни 166 ПМ 10 честички на м3 што е за неколку пати над дозволеното ниво од 50 мг на м3 ПМ 10 честички.

Иако во кампањата пред локалните избори и Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ ветуваат краткорочни и долгорочни мерки за намалување на загадувањето, една година подоцна во Буџетот на Градот средствата за екологија се намалени, а нови спроведени мерки нема.

Традиционално, во Скопје најзагадени се населбите каде граѓаните не се поврзани со централното парно греење. Најзагадена населба е Лисиче каде минатата грејна сезона беа измерени неверојатни 850 ПМ 10 честички на м3.