Со својата големина од 160.000 м2 површина, разновидност и содржини, Скопје го има најголемиот трговски центар во регионот. „Ист Гејт Мол“ ќе донесе реномирани трговски марки во нашата земја: 250 локални и меѓународни брендови. Тоа значи отворање на голем број на работни места.
Премиерот Заев заедно со заменик-претседателот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за економија Крешник Бектеши и менаџментот на „Скопје Ист Гејт” направија обиколка на локацијата и се информираа за инвестициските активности до финална реализација на проектот.
„Скопје Ист Гејт инвестира и во услови на пандемија. Севкупната значајна инвестиција изнесува над 350 милиони евра за нашата земја. Комплексот развива бруто површина од 500.000 м2, во кои покрај трговскиот центар се содржани 10 станбени и 5 деловни згради. Она што дава позитивен сигнал за инвеститорите кои сакаат својот капитал да го вложат во регионот е извештајот на почитуваната американска фондација „Херитиџ“ за 2021 година кој беше објавен минатата недела.
Игор Давков, извршен директор на „Скопје Ист Гејт“ истакна дека „Ист Гејт Мол“, е ,,Новото срце на градот Скопје” кој за само неколку месеци, ќе биде најатрактивната дестинација.
„Видливо е дека трговскиот центар е во последна градежна фаза. По готовата и затворена карабина како и завршените машински и електрични системски инсталации, започнати се занаетчиските активности и останува да се доработи внатрешниот ентериер. Ист Гејт Мол ќе се простира на 5 нивоа и ќе располага со 57.000 м2 вкупна површина за изнајмување. Со објект од вакви димензии, Скопје добива најголем мол во регионот кој ќе биде новото место за излегување, забавување и шопинг. Припаѓа на таканаречените „центри-дестинација” заради тоа што нуди повеќе содржини на едно место: широк избор на мода и уникатни брендови, услуги, игротека, 8 кино сали,7 фини ресторани, оддел за брза храна со 800 места, хипер маркет, салони за мебел и бела техника, и ќе биде единствен мол со опкружување од зелени паркови кои чинат површина од 12,000 м2. Воедно со проектот се развиваат инфраструктурни добра како нови улици, нови приоди кон автопатот, осветлување, зелени појаси и паркови“, истакна Давков.