Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Се сеќавате како луѓето „масовно“ велеа пред локалните избори кога Шилегов беше градоначалник на Скопје (?): „па можно ли е толку да не си го сака својот град“ или, ако ја додефинираме приказната: „вмроовците“ отсекогаш велеа за време на локалните избори дека тие се „вистинските застапници на народот“, а вистинскиот народ е оној народ што само нив ги бира.

Ами, ете ви го народот, браќа и сестри, ете, народот ја одбра Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски. И? Ете, издиша пред очите на сите: и Скопје и Арсовска и ВМРО и Мицкоски. Сè летна в облаци. Добро, тоа е појавното, а што е она кое ни бега во аргументацијата? Ни бега пумпањето, ни бегаат фанфарите, трубите…

На почетокот беше: „Арсовска е страшен менаџер, ‘вундер-вомен’, гениј, чудо од човек, нешто не видено, нешто не чуено, таа Скопје ќе го претвори во ултрамодерно, таа Скопје ќе го претвори…“

Го претвори Арсовска Скопје, треба да ѝ се признае, во Црвен бан и „gurwac на бициклу“; така ви е тоа кога популизмот се создава, расте и цвета, а потоа ги прима првите удари (на реалноста!), па почнува да паѓа и влегува во декаденција. На крајот се руши и разградува. А нај-на-крајот, кога умира, со последните атоми, борејќи се да преживее, почнува да убива. Што, за него, дали прета да преживее или прета за да убие, претставува едно те исто.

Нема ден, а да не погледаме вести од градското Собрание во Скопје: ерупција, деструктивен гнев на смртно ранетите. И кој остана од чиновниците-платеници да го брани Скопје, градот, светот, граѓаните? Никој, освен оние кои се на изнајмување од кај Арсовска и оние кои се на изнајмување од кај Мицкоски. Тоа ви е како на нива: ќе посеете и после немате појма што од таа земја ќе никне. „Луѓе без својства“, како кај Музил, нашите варошани од приградските сокаци, лунатици, опскурни клатежи, селски луди од едниот и другиот пол, генерално тоа е сè.

A низ таа ерупција од гнев, пристоен човек гледа само презир: сите во тоа градско Собрание се мразат, мислат дека секој е подобар од оној другиот. Во следна прилика, да ми верувате, уште побрутално ќе си ги перат рацете еден од друг.

Ги гледате тие призори, велам; ќе продолжиме да ги гледаме секојдневно. Тоа е ист свет како оној од 27. април 2017 година. Тоа е свет што сака да згази, поништи, сотре. Тоа е свет што не го интересира урбаноста, градскиот живот, проектите, атмосферата меѓу луѓето. Тоа е свет што скривајќи се позади имагинарното „мнозинство“ сака да балира кеш, да згази, поништи и сотре. И кога за ова предупредувавме, нè правеа будали, нè правеа „корисни идиоти“…

Ами сега пиленциња убави и мили? Сега што ќе правиме? Сега ќе ги гледате убаво. Сега ќе ги гледате со внимание, па – ако ви дојде од задникот во главата – направете споредба од типот, што, по ѓаволите со нас мислевме кога Шилегов го рушевме!?

Ама приказната не запира тука, напротив, приказната е уште многу поозбилна и многу подраматична.

Имено, секоја популистичка политичка партија (а со тоа и популистичка власт): таа секогаш ги монополизира своите настапи и делувања „во името на народот“, додека сите останати ги стигматизира со лепенките од типот, зајковисти, соросоиди, предавници, платеници, гејеви, педерчиња…  Популизмот, натаму, само за народ ги дефинира своите членови и симпатизери, а не вкупниот број на жители во државата.

Затоа политиката која им се спротивставува на „вмроовците“ ја дефинираат и како нелегитимна, без разлика колку луѓе ја поддржуваат; ако е малцинска, не е легитимна затоа што е малцинска; ако е мнозинска, не е легитимна затоа што тоа не е „вистинскиот народ“ итн.

Слично мислеше и Груевски, па на крајот влезе во гепек и ја спрашти за Пешта.

Гледајте го градското Собрание и натаму, може и ќе препознаете некои чичковци и тетки од 27. април 2017 година. Можеби и во крајна линија ќе се препознаете себе, јебем ли му Црвен бан. И немојте да се чудите ако некој од нив ви се пристори на лик на Груевски, без разлика што може да носи плава коса и наочари на себе, немојте да имате сомнеж – тоа е Груевски, само појавно е некоја друга форма на живот, практиката во политиката му е потполно иста.

Превземено од Фронтлине.мк