Забрането преземање на содржината, делумно или целосно.
Марина е родена 1977 во Скопје, израснала во Зелениково, местото каде живее и денес. Завршила средно економско училиште во Васил Антевски – Дрен, а работи како шеф и продавач во тобако. За својата работа вели дека премногу ја сака и ја исполнува бидејќи секојдневно е во комуникација со позитивни луѓе.
За начинот на кој била воспитувана и околината во која израснала, Марина вели:
– Израснав во мало место, несоцијализирано и одалечено 30 км од центарот на Скопје. Растев во конзервативно семејство каде што татко ми постојано работеше, а нашата мајка беше домаќинка. Јас и моите две постари сестри бевме чувани многу строго. Сфаќањето на нашите родители, дека секоја од нас по завршување на средното образование, мора да се омажи и да формира свое семејство, всушност се оствари.
Со љубов градевме заеднички дом
Кога била 4та година средно, Марина морала да се омажи со човекот со кого се гледала само неколку месеци. Неговите родители, кога тој им ја донел снаата, не зборувале со нив една недела. На седмиот ден, свекорот на Марина, им рекол да се подготват и сите заедно отишле кај родителите на Марина. Тогаш, таткото на нејзиниот тогашен вереник предложил тие да се разделат додека не дознаат останатите. Но, сопругот на Марина, одлучно застанал против нив и рекол дека се враќа дома заедно со неа. Иако, живееле во соба каде плафонот бил пред распаѓање, иако свекорот секој втор ден бил пијан и постојано Марина ја гледале попреку, иако имало секојдневни караници, иако не сакале ниту свадба да направат, сепак, нејзиниот сопруг секогаш ја заштитувал од нив. По неколку месеци, Марина останала бремена и тогаш таа заедно со сопругот ги реновирале двете соби од куќата. Откако бебето пораснало, Марина се вработила и започнале да штедат за да си изградат сопствен дом, настрана од неговите родители и од караниците. На плацот кој сопругот го добил од својата мајка, започнале да градат куќа. Кога Марина останала бремена со второт дете, имале направено само купатило и една соба, но сепак се преселиле.
– Животот ми беше многу тежок, немав машина за перење алишта, перев секој ден на рака во када, но немав никакви расправии сопругот. По некое време, го подигнавме последниот кредит и ја опремивме куќата со модерен мебел. Од тој момент, без никаква причина, започна малтретирањето од негова страна. Почна секојдневно да ми се развикува, да ме навредува и понижува. Секоја вечер, до доцна, шеташе низ дворот, а го криеше и мобилниот телефон, се присетува нашата соговорничка.
Брачната идила станува пекол: „Мамо, да бегаме“
Сето ова, природно, направило сомнеж кај Марина, која почнала да се распрашува кај нејзините братучетки, како тој се однесува на работа. Тие, исто така, ѝ потврдиле дека се сомневаат во нешто. По извесен период, Марина раскажува како дознала дека на работа тој се забавувал со неколку колешки, и продолжува:
– Секој ден од работа се враќаше нервозен и ги удираше децата. Потоа ќе се нафрлеше на мене и ме трескаше од ѕид, а секој втор ден бев модра во лицето. Животот стана пекол, децата секој ден се тресеа кога тој се враќаше од работа, па почнавме да шетаме низ парк, само да не сме дома. Но, малтретирањето, секој дене продолжуваше. Еден ден, толку силно ме удираше, што паднав на подот, а потоа продолжи да ме клоца по стомакот. Дома бевме само со помалиот син, кој ме крена и ми рече: „Мамо, ајде да бегаме“.
Излеговме со трчање, но тој почна да нè брка. Кога се приближи до мене и сакаше со нога да ме удри по глава, синчето Матеј ме гушна и двајцата легнавме на земјата, а детето почна силно да плаче. Тогаш, насилникот се повлече и се врати дома. Поседовме некое време на земја и откако ми се разбистри умот, отидовме кај комшиите да побараме помош. Од таму повикав полиција, но тој веќе ги пречекал со својата лажна изјава. Кога јас почнав да одоговорам на прашањата од полицаецот, насилниот сопруг, стана и ме удри пред нив. Полицијата на ова не изреагира никако, само направија записник и си заминаа.
Полицајците неми сведоци на семејното насилство
Наредниот ден, Марина отишла во болница, каде била прегледана и снимана. Биле констатирани фрактури на две ребра. Вели дека не добила никаква помош ниту од полицијата, ниту од центарот за социјални работи. Секаде велеле дека доколку не се разбираат, треба да се разведат. Насилникот (со иницијали Т. А) не добил никаква казна, туку и тој и Марина биле казнети со 50 евра поради нарушување на јавниот ред и мир.
Издражале уште неколку месеци, додека поголемиот син матурирал и потоа, Марина заедно со помалото дете се вратила кај своите родители. Големиот син морал да остане кај таткото, бидејќи, како што вели таа, немала доволно финансии да ги издржува и двајцата. После 19 години брак, Марина добива судска пресуда за развод на бракот.
– Душата ме болеше за него, но немав услови за двајцата кај моите родители. Остана во куќата за која макотрпно работев. Сепак, често доаѓаше и остануваше по неколку денови, со тага раскажува Марина.
Поголемиот син, поради сите случувања, паднал во тешка депресија. Му недостасувале братот и мајката. Сепак, вели Марина, во моментите кога биле заедно, максимално ги надополнувале моментите кога биле разделени. По извесно време, тој се опоравил и заедно со својата девојка заминале во Малта, каде работеле една година.
– Поранешниот сопруг остана да живее во куќата која заедно ја градевме и за која само јас си знам колку се мачев. Згора на сето тоа, таму носеше љубовници, а мене не ми дозволуваше да одам ниту во посета на синот кога тој беше болен. Ме бркаше со полиција, лажејќи дека куќата ја изградиле неговите родители, а јас немав пари да поднесам тужба за поделба на имотот, ја продолжува својата животна сага Марина.
Битката против насилникот продолжува на суд
Вели дека после 15 години брак, од добар и нормален сопруг, тој се претворил во семеен насилник, а таа како да гледала звер пред себе, наместо човекот кого го сакала и на кого му родила две прекрасни дечиња.
– Никогаш нема да му простам за сите маки, трпење и страдање кои ги поминав во таа куќа заедно со децата. Не можам да ги простам уценувањата кон поголемиот син, дека ако зборува со мене или ако ме повика да го посетам, нема да му дозволи да јаде, гневно раскажува Марина.
Сепак, вели дека до крај ќе се бори за куќата и доколку е потребно, ќе подигне и кредит за судските трошоци. Но, вели, насилникот ќе го смести каде што му е местото, поради сè што претрпела таа, а најмногу нејзините синови.
Марина, во овој разговор си ја стави „душата на тацна“, со цел да упати порака до жртвите на семејно насилство:
– Едуцирајте се за законите и своите права во рамки на брачната заедница. Не дозволувајте да ви се случи неправда како мојата, а најмногу од сè, не дозволувајте да страдаат вашите деца, порачува Марина.