Иако состојбата со загадениот воздух е лоша, министерот за животна средина и прв вицепремиер, Изет Меџити, вели дека, за вола на вистината, секоја година има подобрување во оваа насока. Тој уверува дека интензивно работат на подобрување на квалитетот на воздухот и најави посебни сектори за декарбонизација и за климатски промени во Министерството, покрај останатите мерки.
„Мислам дека според сите анализи главниот фактор на загадувањето во Скопје и во урбаните средини во Македонија е тоа што домаќинствата користат се и сешто за греење. Ќе се трудиме во наредниот период гасификацијата на Македонија да биде еден од топ приоритетите кој ќе понуди поевтин, алтернативен извор за граѓаните, а водено ќе придонесе за почист воздух во нашата држава. Тоа е круцијално, а сигурно ќе има и други мерки“, рече министерот Меџити по денешната презентација на резултати од загадувањето на воздухот во Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.
За да се постигнат резултати, Меџити повика на заедничко делување со сите останати институции, замена на греењето во здравствениот сектор и во училиштата кои сѐ уште се греат на мазут, употреба на помалку штетни горива. Во таа насока е и набавката на еколошки автобуси кои ќе му ги подарат на град Скопје, а како мерка што ќе ја преземат рече дека е и стимулирањето на електричните автомобили, за што ќе достават предлог до Владата.
Пред три недели, министерот Меџити и директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, во пресрет на новата грејна сезона најавија контрола на издадените еколошки дозволи на производните капацитети ширум земјава.