Кандидатката на СДСМ за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, денеска го претстави амбициозниот проект „Скопје – град на мурали“, кој предвидува создавање на 100 нови мурали низ градот во првата година од нејзиниот мандат. Проектот има за цел да ја трансформира урбаната средина и да го врати животот во запуштените јавни простори, соопштија од Центарот за комуникации на СДСМ.
„Скопје е дом за сите нас и сакаме да го гледаме чист, убав и инспиративен“, истакна Шукова.
Таа додаде дека многу јавни површини денес изгледаат занемарено, со хаотични графити кои ја нарушуваат естетската слика на градот.
Проектот ќе овозможи современа уметност да ја разубави урбаната средина, но и да пренесе пораки за култура, надеж, заедништво и љубов кон градот.
„Овие мурали нема да бидат само боја на ѕидовите, туку симбол на нашите вредности и заеднички дух“, изјави Шукова.
Во изработката ќе бидат вклучени локални уметници и млади креативци, со што се поддржува домашната уметничка сцена и се стимулира активно граѓанско учество. Кандидатката нагласи дека уметноста може да биде моќен инструмент за обединување и создавање на пријателска, одржлива и инспиративна урбана средина.
„Со заеднички напори, ќе го направиме Скопје поубаво и место на кое секој ќе се гордее“, заклучи Шукова.
Текстот Скопје ќе оживее со 100 мурали, Шукова најавува урбана револуција во градот е превземен од МАКФАКС.