Скопското Обвинителство поведе постапка против 33-годишен скопјанец осомничен за продолжено загрозување на сигурноста на својата поранешна девојка.
Според обвинителството, мажот речиси цел месец, од 5 до 30 октомври, ја прогонувал и ѝ се заканувал на поранешната партнерка, упатувајќи сериозни закани по нејзиниот живот и животот на нејзиното семејство. Тој испраќал писмени и гласовни пораки преку социјални мрежи, полни со навреди и закани, а насилството се засилило откако жената го напуштила неговиот дом поради постојан психички притисок.
Последниот инцидент се случил на 30 октомври пред една клиника во Скопје, каде што оштетената се лекувала. Осомничениот се појавил таму, почнал агресивно да се однесува, да ја тегне за рака и да ја присилува да тргне со него, при што ѝ се заканил дека ќе го убие нејзиниот брат. Од страв и чувство на загрозеност, жената побарала помош.
Поради сериозноста на заканите и повторувањето на делото, јавниот обвинител поднесе предлог до судот за определување мерка притвор за осомничениот.
 
		