Празникот, сончевото време и снежната покривка беа убав повод денеска на Попова Шапка да дојдат голем број посетители. Иако официјалната скијачка сезона уште не е започната, а ски-лифтовите не работат, триесетината и повеќе сантиметри снег што падна деновиве навестува дека оваа зимска сезона може да биде мошне успешна. Од ЕЛЕМ-Турс, фирмата која стопанисува со скијачките и со дел од угостителските објекти на Попова Шапка, најавија неколку новитети кои ќе им овозможат на посетителите поудобен престој на овој наш најголем зимски туристички центар.

„Годинашнава зимска скијачка сезона ја започнуваме на 15 декември. По тој повод, на 15 и 16 декември секој кој ќе дојде на Попова Шапка ќе може бесплатно да ги користи сите ски-лифтови и жичарници. Во изминативе седум месеци, ние на Попова Шапка инвестиравме на неколку главни точки со кои сакаме да ја подобриме инфраструктурата на ски-центарот. Инвестиравме во нова ски патека долга 2 километра, на која ќе може да има и ноќно скијање. Исто така, за прв пат имаме поставено пет јавни тоалети, за што имаше долгогодишна потреба и барање од посетителите. Изградивме и две бачила, објекти каде скијачите можат да се одморат и да се освежат. Паркирањето на возилата, што е еден од најголемите проблеми на Попова Шапка, го ублаживме така што оспособивме уште два паркинзи со што добивме дополнителни 250 до 300 паркинг места. Исто така, планираме во време на викендите кога посетеноста е најголема, а возилата се паркираат и по неколку колометри подалеку, да воведеме бесплатен бус за превоз на посетителите до скијачките терени“, изјави Адем Авзиу, директор на ЕЛЕМ-Турс.