Селекторот на македонската футсал репрезентација, Васко Скендеровски го објави списокот на играчи за квалификациските натпревари против Босна и Херцеговина и Романија од циклусот за пласман на Европско првенство. За пресметката на гостински терен во Зеница (28. јануари) и домашната против Романија (3. февруари), селекторот Скендеровски ќе смета на следните 19 играчи:
ГОЛМАНИ: ПЕТРОВСКИ Антонио (СК Проект Цико), ПЕТРОВСКИ Влатко (Арбен Бајрами), СТОЈАНОВСКИ Иван (Шкупи);
ОДБРАНА: СУЛЕЈМАНИ Реџеп (Шкупи), ИСМАИЛИ Таулант (Арбен Бајрами), ПЕТРОВИЌ Драган (Шкупи), Даниел ДЕ СОУЗА (Славија Прага, Чешка), Џокица Џо АРСОВСКИ (Штутгардер);
НАПАД: КРСТЕВСКИ Иван (СК Проект Цико), ГЛИГОРОВ Александар (Шкупи), ЛЕОВСКИ Игор (Славија Прага, Чешка), МИЦЕВСКИ Адријан (Бетон Бојс, Германија), КОСТАДИНОВ Марјан (СК Проект Цико), РАНГОТОВ Дарко (СК Проект Цико), ТОДОРОВСКИ Мартин (СК Проект Цико), АНДОВ Димче (СК Проект Цико), СЕФЕРИ Еркан (Шкупи), ЈОВАНОВ Јосиф (СК Проект Цико);
– Започнуваме нов квалификациски циклус и ќе се обидеме да оставиме силен впечаток.Се разбира, доколку ни се укаже шанса и да оствариме пласман на континеталниот собир 2022. година.
Македонскиот репрезентативен футсал е на една голема пресвртница и мораме да започнеме со етапна фаза на подмладување на репрезентацијата. Тоа што веројатно требаше да се направи пред две или три години, сега се чини е неизбежност. Имавме две опции, или да се направи инстант решение со натурализирање на неколку Бразилци, како што селекцијата на Романија го реши начинот на смена на генерацијата, или да одиме по потешкиот, но според мене посладок пат, а тоа е да почнеме со вклучување на наши помлади играчи во овој циклус. Го одбравме вториот начин, ќе биде сигурно многу потешко затоа што вклучуваме играчи кои ќе бидат дебитанти и тоа токму на натпревари кои се исклучително важни за пласманот на ЕП.
– За овие први два натпревари повикав двајца дебитанти Костадинов и Јованов, но веќе на следните два натпревари во март против Србија ќе бидат повикани дополнителни двајца дебитанти на местото на некои повозрасни играчи кои долго време се во репрезентацијата. Планоте овие квалификации да ги завршиме со неколкумина дебитанти (6-7) кои ќе бидат силна поддршка на оваа репрезентација во следниот циклус за пласман за СП.
Што однесува до подготовките, ги започнуваме на 23-ти, а веќе првиот натпревар го играме против БиХ на 28- ми овој месец во Зеница. Искрено, нашиот најголем хендикеп е фактот дека ова е нашиот прв собир по пауза од една година. Ситуацијата со корона кризата и неиграњето на баражот со Англија, направи да немаме ниту еден пријателски или официјален натпреавр веќе една година.
Ќе биде навистина многу тешко, посебно на првите два натпревари со оглед на фактот дека кај нас веќе е во полн ек паузата на домашното првенство и многумина од играчите се надвор од натпреварувачка форма.
Играме против две силни репрезентации БиХ и Романија. БиХ е репрезентација која што е исклучително незгоден противник на домашен терен, репрезентација против која се мачеле многу посилини репрезентации од нас. Романија е репрезентација, која како што реков смената на генерациите ја реши со натурализирање на дури четворица Бразилци, па мислам дека љубителите на футсалот имаат престава за каква репрезентација се работи. Но, ќе одиме чекор по чекор, сега интензивно ќе се подготвуваме за првиот натпревар со БиХ, а па враќањето од Зеница ќе размислуваме за нашиот следен противник Романија, натпревар кој го играме на домашен терен на 3. февруари.
Се надевам дека со сите расположливи сили ќе влеземе во овие два натпревари, освен неиграњето на стандардниот Зибери кој поради проблемите со корона кризата нѐ доби дозвола од неговиот клуб во Италија – изјави селекторот на репрезентацијата, Васко Скендеровски.