По добиен позитивен тест на коронавирус, не добиваш решение за изолација, ниту пак ќе се најдеш во дневната ковид статистика на Mинистерството за здравство. Вака речиси една година болницата Плодност од Битола спроведува тестови на коронавирус без да имаат сертификат за тоа.
„Институтот за јавно здравје ги регистрира заболените кои направиле тест исклучиво во сертифицираните ЈЗУа и ПЗУа низ државата. Болницата Плодност од Битола не спаѓа во нив и поради тоа не е релевантен извор за евиденција“, велат од Министерството за здравство.
По претставка, Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил увид, по што издал забрана.
„Од страна на ДСЗИ е издадено решение за забрана за вршење на брзи-рапид тестови за Ковид“, велат од ДСЗИ.
Но, одговорот кој го добивме од болницата е сосема различен.
„Болница „Плодност“ доби Решение од Министерството за здравство за Молекуларна PCR лабораторија“, велат од болницата Плодност.
По ова, повторно ТВ21 побара одговор од Министерството за здравство, од каде уште еднаш ни рекоа дека стојат на испратениот одговор.
Инаку, болницата Плодност од Битола врши тестирање на коронавирус, а секојдневно се тестираат голем број лица од Битола, Ресен, Прилеп, Демир Хисар бидејќи на државно се чека повеќе од една или две недели за термин.
Доколку добиете позитивен резултат од болницата, матичниот лекар ниту пак институциите резултатот не го признаваат, па ќе ви закажат термин на државно или во една од приватните клиники кои имаат сертифицирани лаборатории.