Зоран БОЈАРОВСКИ

Граѓаните на Македонија нема да прифатат одлука на судијката донесена во „име на граѓаните“.

Во пресудата од 10 ноември судијката Јованка Спировска Панева заклучува дека Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) го наклеветила Кочо Анѓушев, кој во времето на кое се однесува истражувањето „Заговор против воздухот“, бил заменик претседател во Владата задолѓен за координација со економските ресори.

Овде, како еден од серијата апурди во овој случај, треба да потсетиме дека истата судијка во мај 2022 година го одби тужбеното барање за клевета на Анѓушев, односно „Брако“ како неосновано.

Инаку, одлуката против ИРЛ е донесена затоа што од новинарите не докажале дека на средбата во кабинетот на Анѓушев во Владата, тој и претставниците на Хифа Оил од Босна и Херцеговина договориле зделка за увоз на прегорено масло за загревање (мазут), туку разговарале за организирање саем.

Во образложението на оваа одлука на цели 14 страници,  судијката се впушта во толкување кој ги исполнува услови да биде новинар, уредник и медиум и врз основа не нејзините толкувања на законските одредби кој може да биде новинар и што е медиум, ги отфрлила доказите на ИРЛ во спорот со Анѓушев.

Според Судот, колегите од ИРЛ не смееле воопшто да прават новинарски продукти за јавноста, туку само за нивните вработени (?!?!).

Наместо да образложи во што се состои клеветата, судијката оценила дека „Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) не е медиум, а новинарите кои работат во оваа непрофитна организација не се новинари, туку членови во група“.

Иако судијката во образложението на одлуката цитира делови од регистрацијата на ИРЛ во Централниот регистар каде што е јаснио наведено дека оваа непрофитна организација се занимава „истражувачко и аналитичко новинарство“, таа се повикува на тоа дека не и бил доставен Статутот на ИРЛ иако (би требало да) знае дека на истото место во Централниот регистар каде што влечела информации за дејноста на ИРЛ, можела да го најде и статутот.

Судијката Спировска Панева уште наведува дека ИРЛ не смее да емитува истражувања за јавноста, туку само за вработените и му препорачува на Министерството за права да ја провери работата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и да цени дали оваа органозација повредила нечија приватна слобода, бидејќи, според неа, немале право да ги информираат граѓаните затоа што тоа не им било работа.

Следниот апсурд во кој се заплеткува судијката во обидот да образложи нешто што нема никаква логика ниту правна основа, е што за својата одлука дека ИРЛ не е медиумска организација се повикува на Законот за медиуми. Но, таа изведува погрешен заклучок дека Законот за медиуми „изричито наведува дека  медиуми меѓу друго не претставуваат здруженија“. Тоа воопшто не го пишува во законот.

Ова произволно толкување на фактите и на законските одредби не доведува до заклучокот дека и тоа е можно да го доживеавме: Тоталитарна судска одлука во демократско општество.

Зошто? Затоа што одлуката на судијката против правото на ИРЛ да се занимава со прибирање и ширење на информации од јавен интерес е екстремно загрижувачка постапка против слободата на изразување на граѓаните кои тоа можат да го прават преку медиумите, но и како граѓански здруженија преку средствата за информирање. Тоа се трендови благодарение на освоените слободи и благодарение на технолошките можности.

Да не зборуваме дека истражувачката сторија е потпишана и од страна на Македонската радиотелевизија што го докажува и приложениот скриншот од емисијата емитувана на националниот РТВ сервис. Помедиум – здравје.

Со оваа одлука се внесува опасен преседан во ограничувањето на слободата на граѓаните да се здружуваат и да се изразуваат и информираат и претставува сериозна закана за идната работа на граѓаните и нивните здруженија којашто ќе ги ограничи или обесхрабри да објавуваат мислења, сознанија од нивните истражување бидејќи огромен дел од нив се занимаваат токму со овие дјности.

Дури и обичниот граѓанин, врз основва на  можностите што му ги дава Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, има право да прибира информации и слободно да ги споделува во медиумите или на социјалните мрежи.

Но, настрана сето тоа, повторно назад на скандалозната одлука на судот за ИРЛ, станува збор за колеги, новинари, кои се докажани и повеќекратно наградувани истражувачки новинари и во земјата и во странство.

Судскиот совет, каков таков, мора веднаш, без одлагање, уште утре да реагира и да ја преиспита работата на судијката и страшните последици што ги предизвика судијката со нејзината одлука.

Во знак на поддршка на колегите од ИРЛ, на линкот подолу е документарниот филм „Заговор против воздухот“:

Превземено од Рацин.мк