Обвинителството за организиран криминал поднесе обвинение против поранешниот претседател на Државната изборна комисија. Оливер Дерковски беше на чело на ДИК по предлог на ВМРО – ДПМНЕ. Тој и уште четворица се гонат за злоупотреба на службената положба, а делото наводно го сториле преку две јавни набавки со што буџетот го оштетиле за еден милион и триста илјади денари. Тројца вработени во ДИК, лани пред предвремените парламентарни избори, не утврдиле дека фирмата ДУНА не ги исполнува условите на тендерот за да учествува во јавната набавка на софтвер за изборите. Набавката на софтверот првиот пат била поништена бидејќи фирмата не го испочитувала рокот за доставување на понуда, ниту ги исполнила условите за да учествува.
„Врз основа на Извештајот од спроведена постапка, првообвинетиот О.Д. како претседател на ДИК без да изврши контрола на постапката за евалуација на понудите, донел одлука за избор на најповолен понудувач. Откако постапката била поништена, првообвинетиот спротивно на мислењето на Бирото за јавни набавки, донел одлука за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас и притоа по негови насоки биле намалени критериумите за вреднување на економските оператори во делот на квалитет“, наведуваат од Обвинителството.
Откако постапката била повторена, покани за поднесување за надградба на софтверот во ДИК, биле испратени до две фирми. И повторно, најповолна била понудата на ДУНА со која Дерковски потпишал договор. Но наместо Дерковски прво да го тестира софтверското решение, тој го потпишал договорот и истиот се имплементирал без задолжителната проба. Дополнително биле купени и телевизори за следење на резултатите на изборниот ден од фирмата ТАРДИС, чиј управител ги составувал условите на јавниот повик и така евентуално ја фаворизирал компанијата која ја води. На 16 јули лани, веб страната на ДИК падна и резултатите од пребројувањето не можеше електронски да се следат. Обвинителството петте обвинети ги гони за Злоупотреба на службена положба или член 353 став 5 кој предвидува најмалку пет години затвор за злоупотреби при јавни набавки и штета врз буџетот.