Во рамки на учеството на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на состанок на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жените.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека иако Пекиншката декларација останува темел на борбата за родова еднаквост, напредокот е нееднаков, кревок и често реверзибилен.
„Насилството врз жените останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а жените сè уште се соочуваат со бариери во пристапот до ресурси, лидерство и одлучување,“ рече таа.
Претседателката посочи и на кризата во Обединетите нации, институција основана за заштита на мирот, а денес исправена пред бројни конфликти низ светот. Таа апелираше на храбро лидерство од жени, велејќи:„Ако сме сериозни во врска со мирот, време е да го довериме кормилото на ОН на жена.“
Во нејзиниот говор таа подвлече дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку хуманистички императив, потенцирајќи дека жените се носители на исцелување, сочувство и надеж.
Учесниците на состанокот ја потврдија потребата од посветеност, конкретни политики и ресурси за реализација на визијата од Пекинг и за создавање праведни и просперитетни општества.
Пекиншката декларација, како што потсети Сиљановска-Давкова, повикува на еднакви права и пристап за сите – жени и мажи, девојчиња и момчиња – и тој повик, рече таа, останува ургентен и денес.
Текстот Сиљановска-Давкова во Њујорк: Време е кормилото на ОН да му го довериме на жена е превземен од МАКФАКС.