Близу 40 проценти од вкупниот бруто-домашен производ зафаќа сивата економија во земјава. Последната година процентот на работа на црно се зголемува поради негативните влијанија од пандемијата, велат од меѓународните организации. Анализата на Програмата за развој на Обединетите нации покажала дека секоја шеста жена во земјава работи на црно без пензиско, здравствено, инвалидско и породилно отсуство.
„Сивата економија е 38 проценти од бруто-домашниот производ во Македонија што ја рангира на високото четврто места во Југоисточна Европа. Пандемијата не помогна, туку ја влоши состојбата со неформалната економија, глобално и во земјава…“, рече Сања Бојаниќ, УНДП.
Инаку, висок процент на работа на црно има и меѓу пензионерите кои работат дополнително поради малите пензии. Сивата економија најмногу се среќава во два сектора.
„Приближно половина од неформално вработените се од земјоделскиот сектор и според економскиот стандард половина од нив се неплатени семејни работници. Најчеста причина за неформално вработувања е недостаток на редовни работни места и сезонската природа. Неформално ангажираните работници во градежништвото одржуваат ниво од 36 проценти во текот на целиот период“, изјави Јагода Шахпаска- Министерка за труд и социјална политика.
За да се намали неформалната економија, посочуваат од УНДП, потребно е да се зголеми бројот на редовни работни места, да се зајакнат инспекциите и да се дигитализираат услугите.
Андреа Чобанова