Хрватскиот ветеринарски институт соопшти дека е потврден случај на антракс во Хрватска, во општината Врлика. По поморот на крави во овој регион, примероци од угинатите животни беа испратени на анализа, а резултатите потврдија дека се работи за заразна болест.
Иако претходно се претпоставуваше дека причината е труење, стручните ветеринарни служби од Загреб сега потврдија дека станува збор за заразна болест.
Повеќе од 50 говеда угинале во последниве дваесет дена.
Во лабораторија биле примени вкупно 13 примероци од угинати животни, од осум различни објекти (фарми).
– Ситуацијата е критична. Не можам ни да замислам како им е на сточарите во овој момент. Верувам дека секој ден им трае како цела година. Мораме сите да останеме прибрани. Истовремено се бориме и со африканската чума кај свињите на истокот од земјата, а веста за антракс не затекна токму за време на состанок во Осијечко-барањската жупанија за свинската чума. Ова е исклучително тешка ситуација – изјави министерот за земјоделство, шумарство и рибарство, Давид Влајчиќ, на вонредна прес конференција.
Антраксот е сериозна и ретка заразна болест предизвикана од бактеријата Bacillus anthracis и е позната уште од античко време, обично како болест на тревопасните животни.
Преживарите – говеда, кози, овци, коњи – погодени од антракс најчесто умираат ненадејно без очигледни знаци на болеста, иако некои може да доживеат зашеметување, тремор, лошо варење и тешкотии при дишењето. По смртта, трупот брзо отекува, а од телесните шуплини може да истече темен крвав исцедок.
Луѓето можат да се заразат со антракс преку кожата, со вдишување на спори или со консумирање на контаминирана храна, што резултира со развој на кожна, белодробна или цревна форма на болеста, од кои кожната форма е најчеста.
Најчест е кожниот антракс: се јавува по контакт на кожата со ткива или производи од заразени животни и се манифестира со појава на темни, безболни рани (црни пустули, кои изгледаат како мозолчиња) на изложените делови од телото, обично придружени со благи општи симптоми. Доколку не се лекува навреме, може да се прошири во крвотокот и да доведе до сепса.
Пулмоналната форма е поретка, но исклучително опасна. Се јавува по вдишување на неколку илјади спори, а болеста првично наликува на грип, но многу брзо напредува во тешка состојба со респираторни проблеми и шок, често со фатален исход.
Цревната форма се јавува по јадење заразено месо и се карактеризира со висока температура, повраќање, силна болка во стомакот и крвава дијареја, а смртноста е исто така висока без навремен третман.
Антраксот се дијагностицира со анализа на крв, брисеви од рани или спутум во лабораторија. Успехот на третманот во голема мера зависи од брзината на реакцијата. Се третира со антибиотици како што се пеницилин, ципрофлоксацин или доксициклин.
Текстот „Ситуацијата е критична“ – тревога во Хрватска поради ширење на антракс е превземен од МАКФАКС.