Полицијата и училиштата до крајот на денов ќе добијат нови насоки за постапување по дојави за бомби откога утрово многу училишта ширум земјава не можеа навреме да ја почнат наставата поради дојави за бомби. Премиерот Христијан Мицкоски, по доделувањето на социјалните станови во Велес, попладнево, рече дека ваквите хибридни напади не се неочекувани и претпоставува дека ќе продолжат.

„Јас бев постојано во контакт со министерот за внатрешни работи, ме брифираше и конечно имам пресек досега, сите без исклучок се лажни дојави. Тоа се тие хибридни напади кои ќе се случуваат, не се нешто неочекувано. Ќе треба да се подготвиме. Постапено е според протоколот. Ваков тип на напади имаше пред некој ден и во Хрватска, претходно во институциите во Унгарија и претпоставувам дека ова ќе биде континуитет кај нас, но мислам дека се креира еден протокол. Веќе работната група се состанува, работи на изготвување на протокол и денеска до крајот на денот ќе стигнат и насоките до училиштата, до директорите, но и до припадниците на Министерството за внатрешни работи што треба да се направи за да имаме непречено одвивање на наставата во овие објекти“, рече премиерот Мицкоски.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска денес порача вработените во училиштата да не ги користат приватните, туку службените мејлови оти, според првичните информации, дојавите за бомби не биле стигнати на службените мејлови.