Пишува: Владимир Перев

1.
Министерот за животна средина и просторно планирање, нашироко говореше за успесите на Владата околу заштитата на животната средина, најмногу за тоа што ЌЕ биде преземено и направено во иднина. Конечно, се стигна до бројката на 110 еколошки автобуси кои ќе бидат распределени во Скопје и дел низ РСМ. Обилни ветувања беа дадени за уредување на страшната ситуација со депониите, со загадувањето на околината, прочистувањето на водите и слично, ама на тоа треба да се гледа со резерва. Тоа се ветувања стари колку и двете Македонии, онаа Републиката и оваа Северната. Во меѓувреме, граѓаните од Валандово, Гевгелија и Кавадарци ќе протестираат заради градбата на “малите хидроцентрали“, основната причина  (заедно со сечата на горите) за загадувањето на водите и уништувањето на цели екосистеми. За езерата, тие непресушни извори на вода и живот, ништо не чувме.  Тие се во колапс!

2.
Во нашава пресушена, бездождовна и неснеговна држава, со нелогичко име Северна, има некоја луда логика околу грижата за езерата. Основното  мнение е дека за Препанското езеро се грижи Бог (природата) и негова е вината за пресушувањето, за Охридското се грижи УНЕСКО, па ние можеме да правиме што сакаме, да градиме, продаваме и препродаваме скапи објекти на историски забранети терени, а за Дојранското езеро се грижи експремиерот Љубчо Георгиевски. Сите три позиции се длабоко неточни и неприфатливи. За Охридското и Преспанското езеро треба да се направат нови еколошки студии, нови истражувања и засилена контрола врз девастирачкиот човечки фактор.

Друга е работата со Дојранското езеро. Таму се направени студии, реализирани објекти и утврдена програма за дејствување. За краткото време кога Георгиевски беше премиер, а и нешто после него, работите врвеа нормално, за последниве години да се влезе во комплетен застој и отсуство на помисла за ревитализација на програмата. Љубчо Георгиевски повеќе не е премиер и неговото ВМРО изгуби дури и во Дојран, каде тој толку многу вложи. Разбира се, тоа беа средства на државата, но дали тогаш тоа беше побогата држава, или денес нема разбирање за ситуацијата? Програма, канали, пумпи и други неопходни средства беа прибавени и активирани, за сето тоа денес да пропаѓа. Премиерот Мицкоски се фали со “зголемена стапка на туристички престои“ во земјава…веројатно тоа се оние кои идат да го видат “уметничкото дело“ на Груевски-македонскиот Дизниленд и простачкиот кич на нашиот главен град. Како и да е, Дојран и околината, на Љубчо му ја потврдија старата изрека дека “ниедно добро дело не останува неказнето“!

3.
Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски во емисијата “Тешки муабети“ со Мечка и Миќо (11.06.2025 г.) ја даде следнава изјава околу изградбата на “брзата пруга“ Табановце-Гевгелија…импровизирам:  Ако толку многу србите и грците сакаат да се поврзат со железничка линија која ќе биде брза и скапа, тогаш ТИЕ нека подигнат кредити од странски држави и банки, нека се задолжат, а ние ќе им дадеме работници за реализација на проектот. Потоа нека ја земат на концесија на стотина години, некa определат цени на превозот, па ако нам ни е скапо, ќе си патуваме како и до сега-со автомобили. 

Не знам дали точно сум го цитирал…ако не е тој и не е така, му се извинувам, но тоа го прифаќам и како мое мислење. Низ земјава “плутаат“ шест милијарди евра кредити, за кои ниту има програма, ниту план како ќе се трошат. Вложувањето во “брза пруга“ со која Северна ќе се минува за час и половина е непотребна инвестиција за нашата мала држава. Ние немаме ниту производство ниту капацитети кои ќе се товарат и пренесуваат по таа пруга. Нашиот увоз е скромен, а извозот уште поскромен. Таа пруга е градба за фрлање пари за развој на “туѓи бели дворови“.

Да не ги мешаме работите со Коридор бр. 8. Тоа е проект на НАТО и тука ние немаме право на сопствено мислење…тоа е решена работа, а ние како членка на Организацијата, должни сме да ја спроведеме одлуката.

3.
Да се вратиме на водите. Министерката Сања Божиновска говореше за проектот Чебрен-Галиште и спомна сума од околу 1,3 милијарди евра. Тоа е солидна сума, но треба брзо да се помине на реализација, затоа што климантските промени можат да ја направат таа инвестиција безвредна. Така барем велат светските експерти. Нашите пак, македонските, говорат за брза реализација на проектот Вардарска долина и за огромните придобивки од него, верифицирани врз огромните количества вода која ќе биде употребена, но и резерва за она “што живот значи“.

4.
Како и сите нас, ме радуваат и воедно измачуваат парите. Многу се оние шест-седум милијарди, ама не се секирам како ќе се вратат…за тоа нека му ја мислат нашите потомци. Така било секогаш, ние сеуште ги враќаме долговите од “среќните години“ на нашиот живот со другарот Тито…зошто иначе би биле толку сиромашни.

Како што знаеме, “Бог нема“ или не е со нас, оние од УНЕСКО успеваме да ги лажеме за нашите постигања во Охрид, а одамна сме заборавиле кога Љубчо Георгиевски беше премиер. Заборавиле и Дојранчани, тие тоа први го направиле, па сега гледаат како водата им се“ губи пред очи“…

Некој рече дека за да се активира еко и хидросистемот Ѓавато, со кој ќе се стабилизира ситуацијата со Дојранското езеро, месечно биле потребни 300 илјади евра за струја за пумпите. Тоа е 3,6 милиони евра на годината. Смешна сума за оние милијарди со кои располагаме и за позициите дека сме снабдени со евтина струја. Тоа се пари кои ќе се вратат преку туризмот, подобрувањето на животната средина и преку новите инвестиции во Дојран…ниту една сметка во животот не останала ненаплатена!

5.
Загадениот од нечистотии и срам, нашиот Вардар, потоа нашите упропастени езера и нашите нерегулирани водотеци се нашето богатство во иднината. Бугарските инженери и политичари уште во периодот околу 1995-6 година, размислуваа за проект Вардар-Струма-Марица, кој ќе ги регулира водотеците во Македонија и Бугарија. Носител на идејата беше инж. Христо Генчев, но како што обично станува, политиката и криминалот ја потиснаа, загушија племенитата идеја на инж. Генчев.

Политичката мафија во земјава е на праг да ги злоупотреби средствата добиени како кредити, да ги злоупотреби за своите политички промоции и платениот опстанок на власт. Македонските инженери, специјално хидро струката, имаат една проста задача-да ги убедат политичарите дека може многу повеќе да се “присвои“ на големи проекти, па затоа треба да се оди на исплативи крупни инвестиции. Железницата, колку и да е “брза“, нема да остави трајни бенефити на опстанокот на нашиот народ. Тоа е порачка на некоја друга држава, на друг народ, на други интереси. Овде сме ние. Водата е живот за нас!

Сеуште се сеќавам на херојската жртва на полковникот Каварналиев. Тој не не бранел само нас или земјата…тој го бранел Дојран од грчките агресори…тој ја бранел нашата вода, нашето право на живот!