Окoлу 10 отсто од жените во репордуктивниот период страдаат од полицистичен оваријален синдромод, а во последните 10 години процентот рапидно се зголемува, најверојатно поради сè поголемото консумирање преработена храна богата со прости шеќери.
На оваа популарна тема разговараме со д-р Татјана Гуржанова, специјалист акушер, гинеколог и ИВФ специјалист, основачка на центарот за плодност „Њуборн клиник“.
Кој е причинителот за ова хормонално нарушување?
– Причинителот за ваквата патолошка состојба не е со сигурност детерминиран, односно се смета дека има повеќе фактори што доведуваат до овој синдром, во поголем процент е генетски детерминиран, додека во доста голем процент од 40 отсто е поврзан со високи вредности на инсулин во крвта, посебно ако тоа е асоцирано со обезност кај пациентката.
Може ли полицистичниот оваријален синдром да предизвика неплодност кај жената?
– ПЦОС е водечка причина за инфертилитет кај жената и најчесто хормонско пореметување кај жената, се карактеризира со: нередовни менструации- намален број во текот на годината сѐ до изостанок на циклусите, ановулација, поврзана со ановулацијата инфертилитет, високи количини на машки хормони во крвта, кои доведуваат до маскулинизација на жената (акни, влакнавост по лицето и телото, опаѓање на коса и др.), инсулинска резистентност – во најголем процент асоцирана со обезност (БМИ >25) и соодветно на тоа, покачено ниво на шеќер во крвта, покачени вредности на холестерол. Последователно на тоа ПЦОС е асоцирана со многу други болести кои потекнуваат од т.н. метаболен синдром, како диабетес тип 2, хипертензија, кардиоваскуларни нарушувања и друго.
Што ако се игнорираат овие симптоми?
– ПЦОС ако не се третира кога ќе се дијагностицира, доведува до зголемен ризик од доста малигни заболувања, кои се естроген зависни (ановулацијата доведува до зголемени концентрации на слободен естроген во крвта без опонирачко делување на прогестеронот, кој единствено се излачува од јајникот после овулација во втора фаза од циклусот): рак на матката, рак на градите и др.
Како се поставува дијагноза на ПЦОС?
– Според Ротердамската класификација од 2003 година, за да се постави дијагноза на ПЦОС потребно е да има минимум две од следните клинички или лабораториски знаци: намален број овулации или отсуство на овулации во текот на годината; ексесивно количество на андогени хормони во крвта; карактеристичен ултразвучен изглед на овариумите (зголемен волумен, со бројни фоликули по површината на јајникот како нишка од бисери). Кога се сомнева докторот за ПЦОС, потребно е секако да исклучи други хормонални нарушувања, кои можат да дадат симптоми на ПЦОС, како хипотироизам, болести на надбубрежни болести, хиперпролактинемија, андроген секретирачки тумори и др., затоа е потребна темелна трансвагинална ултразвучна евалуација, со задолжителен комплетен хормонален статус на пациентката.
Каков е третманот?
– Третманот на овој синдром е комплементарен помеѓу медикаментозен (да се намали нивото на инсулин во крвта, регулирање на гликемијата, да се избалансираат пореметените хормони), хигиено-диететски режим, естетски процедури, кои ќе ги отстранат ефектите на високите количини на андрогени во крвта (третман на акните, ексесивната влакнатост и алопецијата) и дури и хируршки (електропункција на јајникот – после која во наредните 6 до 12 месеци се регулира овулацијата на јајникот). Би сакале да нагласиме за огромната важност на исхраната во лекување на овој синдром. Секој лекар кој се занимава со оваа проблематика прво препорачува ригорозна диета, а потоа зазема медикаментозен или хируршки пристап. Се препорачува диета со низок гликемиски индекс, јагленохидратите да се по потекло од зеленчук, овошје, мешункасти плодови (грав, леќа, боранија), да се избегнуваат скробните продукти (леб, тестенини, компир, бел ориз), да се отсранат тотално од исхраната преработените производи (сè што има код), благите работи, слатките сокови, да се избегнува високо масна храна од животински потекло, особено масното црвено месо. Кај обезните пациентки после редукција на телесната тежина од 10 отсто со нагласување на редукција на поткожното масно ткиво, доаѓа до воспоставување на овулацијата, а со тоа и решавање на инфертилитетот. Овулацијата кај овие пациентки се предизвикува со орална терапија како кломифен цитрате, летрозол во текот на шест месеци, во комбинација со метформин кога имаме инсулинска резистенција, парентерална терапија со гонадотропни хормони за стимулација на овулација, итн.
„Њуборн клиник“ – Центар за плодност, булевар „Илинден“ 107, 1000 Скопје, телефон : +389 (0)2 2734 350