Ако во Собранието помине законот со кој американско-турскиот конзорциум Бехтел Енка би го добил бизнисот да ги гради трите нови автопати, тогаш од понеделник до сабота работниците би работеле на терен по 10 часови дневно. Наместо загарантиран слободен ден во недела, доколку не е исполнета нормата, тогаш и во неделите работникот ќе си доаѓа на работа. Ќе треба формално да се добие и писмена согласност од вработениот. Синдикатите се сомневаат дека тоа правило ќе биде само на хартија.
„Ова е неизводливо и невозможно, станува збор за работници за жива материја, а не за роботи и машини кои ќе може да копаат и да работат 24/7. Луѓето и онака се изморени и изложени на секакви надворешни влијанија и во лето и во зима“, рече Иван Пешевски, Синдикат на градежништво.
Од Владата пак, велат дека немало да дозволат да помине ништо во договорот што не е во согласност на Законот за работни односи. Засега нема да се бара од „Бехтел Енка“ да го тргне спорниот член.
„Законот којшто е во Собрание само дава рамка и можност Владата да почне да преговара со изведувачот. Тоа не е краен договор за изведбата на автопатското решение, не ги дава крајните услови. Само ја задава рамката понатаму владата да направи најдобар можен договор“, рече Фатмир Битиќи вицепремиер за економија.
Според меморандумот што го потпишаа Владата и „Бехтел Енка“, планот е преку посебен закон, скапиот бизнис, без меѓународен тендер, директно да му се даде на овој конзорциум. Тој би требало да проектира и изгради автопати на делниците Тетово-Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола.
На идентичен начин како овој, пред неколку години во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ, беше избрана и кинеската компанија Синохидро за изградба на автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип за што сега се води судска постапка.
Иле Петревски