Од Синдикатот УПОЗ бараат лично и јавно извинување од премиерот Зоран Заев кој изјави дека во високите ешалони, министрите и директорите, не се корумпирани и нема корупција, туку кај пониските ешалони односно во административните служби.

Од синдикатот УПОЗ велат дека не знаат која е причината што во последно време се напаѓа администрацијата, прво како неработници, а сега велат како корумпирани.

-Тие што конкретно работат со странки работат по налог на претпоставени, и одговараат пред него. Навистина сме изненадени и очекуваме објаснување“, рече Верица Тасева, член на УПОЗ.

-Не можам да претпоставам дали е несреќно дадена изјава, гаф на премиерот, меѓутоа подолг период се случува да се напаѓа администрацијата. Ние ќе бараме средба во секој случај не само за ова туку и за други прашања. Мислам дека со вакви изјави во иднина не смее да се карактеризира администрацијата. Ова е страшно и целата вина за состојбите и корупцијата и неефикасноста во работењето се фрла само на една категорија работници, изјави Пеце Груевски, претседател на УПОЗ.

По извештајот на Стејт Департментот, во кој беа нотирани корупција и селективност пред се при државни тендери, Заев изјави дека кај министрите и диркеторите во власта нема корупција. Воедно порача дека случаите кои ги отвора Антикорупциска не секогаш покажуваат дека навистина имало злоупотреби на службената положба и дека Антикорупциска не секогаш била во право.