Два дена по објавените резултати, на официјалниот сајт на Државниот завод за статистика се објавени промени во табелата и конфузни пресметки, објави Канал 5.

Најзабележлива е промената кај атеистите, кои од 355, сега се 8764- колку што претходно официјално броеа евангелско-протестантските христијани, а сега воопшто не се наведени.

Оние групи кои броеле под 500 лица на ниво на државата, како евреи, адвентисти, баптисти, реформисти или членови на Харе Кришна, сега ги нема на табелата, а во категориите именувани како “други”, “не се изјаснил” или “непознато”, бројките се поголеми од првично објавените.

Канал 5 побара објаснување од директорот на статистика Апостол Симовски, кој најави дека во понеделник ќе добиеме одговор за што конкретно станува збор. Утрово во гостување на радио Канал 77 тој рече дека се сомнева во техничка грешка во називите на графите, и негира дека се работи за интервенција за промени во бројките.

За промените во табелата реагираше политичката партија Левица.. велат дека се работи за упад во базата на податоци и најавија дека ќе поднесат кривични пријави против Симовски и против институцијата со која раководи.

За првпат од објавување на официјалните резултати, оценка даде и премиерот Димитар Ковачевски. Рече дека пописот е спроведен по европски стандарди, а за обвинувањата дека нема комплетни податоци за сите, Ковачевски смета дека е поради специфичните услови во кои се одвиваше и поради бојкот покренат од политичарите.

За пописот да даде јасна слика, опозицијата побара да се направи дополнителна проверка на податоците за тие 132 илјади граѓани или 7,2 отсто чија етничка припадност, религија и јазик кој го говорат, сега не се познати. Ваква опција според директорот на статистика не е возможна, зашто пописот според него е завршена работа.