Директорот на ДЗС Симовски на панел-дискусија за пописот организиран од „Цивил“ изјави дека целосно се подготвени да го спроведат пописот. Како што вели тој, податоците се потребни за планирањето на развојот на државата.
Директорот Симовски нагласувајќи дека пописот е статистичка, сложена операција и никако не може да има политичка конотација, уште еднаш учествуваше во објаснувањето за категориите на население кои ќе се попишуваат, согласно објавената методологија.
Тој појасни дека пописот 2021, согласно препораките на Обединетите нации и дефинициите на Еуростат ќе даде одговор односно податоци за одредени категории лица, резидентно население, кое живее во Северна Македонија и вкупно нерезидентно население, односно лица државјани на Северна Македонија кои престојуваат во странство повеќе од 12 месеци, односно една година, како и членовите на нивните домаќинства доколку престојуваат со нив.
-Со објавувањето на Методологијата, веќе се разјаснети повеќето прашања околу категориите на населението кое ќе се попишува. Вклучувањето во Пописот на нашите граѓани, кои се наоѓаа повеќе од една година надвор од државата е од големо значење бидејќи цениме дека потребно е да знаеме колкава е таа бројка, каква е нивната структура по сите основи, образовни, возрасна, полова, работоспособност, кои се нивните периоди на иселување, од кој дел на државата и.т.н.“, подвлече Симовски додавајќи дека Пописот е обид да се добие една бројка за овие граѓани, со цел да се создадат квалитетни политики кои ќе помогнат за враќање на што поголем број од овие лица.