Пописот 2021 успешно се заврши и покрај сите неповолности. Сега треба да ги обработиме податоците и крајот на март, почетокот на април идната година да излеземе со конечните податоци од пописот, што е полесниот дел од работата, бидејќи зависи само од нас, без надворешни фактори, изјави директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, во своето обраќање, на денешната панел дискусија за Пописот 2021, во организација на ЦИВИЛ.
Клучната работа, според Симовски е дека покрај сите неповолности како што е пандемијата, одложувањето поради политички причини, летните одмори, отворената кампања за бојкот, како и техничките проблеми со апликацијата и тоа што бевме постојана цел на хакерски напади, пописот е успешно спроведен.
– Со самото спроведување на пописот, како институција, се надевам дека покажавме, дека може да се враќа вербата во институциите во државата. Дека постојат институции кои што функционираат како што треба, дека не сме класична бирокртија и дека постоиме за другите – изјави Симовски.
Според Симовски, пописот бил спроведен со почитување на сите здравствени протоколи и потврда за тоа е што само осум попишувачи заболеле.
– Речиси пет илјади луѓе беа вклучени во целата операција. Осум попишувачи заболеа од ковид во оваа операција и немаме досега добиено информација дека кое било домаќинство имало проблем во овој дел, дека некој да заболел затоа што попишувачот го пренел, и само еден државен инструктор во домашни услови го стекна. Тоа покажува дека ги следевме максимално поставените протоколи и тие биле навистина добри – изјави Симовски.
Симовски, уште еднаш изрази уверување, дека нема да остане ниту еден човек што нема да биде дел од конечните податоци од пописот, нагласувајќи дека нивна цел била сите да бидат опфатени со теренскиот дел, што ќе се знае откако ќе се заврши со прочистување на базата.
– Нашата обврска како институција е сите субјекти во државата да добијат навремена, квалитетна и точна информација, врз основа на кои што ќе креираат квалитетни политики, на развој, образование, економија и итн – изјави Симовски.
Потпретседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Габриела Кулебанова, порача дека правењето и имањето попис е многу значајна алатка за бизнис заедницата, во однос на демографските промени и потенцијалот врз кој се прават анализите за понатамошните економски текови во државата.
– Забелешката дека ние во државата немавме попис 19 години. Пропустот што од политичка волја немавме попис, е проблем на нашата држава. Тука ние изгубивме многу и затоа немавме толкав напредок, колку што можевме да имаме, и на економски план. Не смееме да си го дозволиме ова во иднина – изјави Кулебанова.
Важноста на Државниот завод за статистика во секоја држава, нагласи Кулебанова, е клучен момент за секакви планирања, особено за нас како комора, затоа што тука треба да ја добиеме сликата и врз база на тоа да направиме план каде сме сега и што треба да одиме понатаму.
Настанот е дел од проектот „Граѓански објектив“ кој ЦИВИЛ го спроведува со финансиска поддршка од Националната фондација за демократија.